ВО ОХРИД ОТВОРЕНИ ДЕНОВИ ЗА ПРОМОЦИЈА НА ПРВИОТ ГОЛФ ТЕРЕН ВО ЗЕМЈАВА

    ВО ОХРИД ОТВОРЕНИ ДЕНОВИ ЗА ПРОМОЦИЈА НА ПРВИОТ ГОЛФ ТЕРЕН ВО ЗЕМЈАВАТерените на површина од 3,5 хектари се изведени од Општина Охрид, а Министерството за локална самоуправа обезбеди 5,7 милиони денари за доуредување на просторот. (Фото: СДК.МК)

    Во Охрид вчера почнаа отворените денови за промоција на првиот голф терен во земјава. На уредениот простор кај поранешната касарна посетителите се запознаа со правилата на голфот, спорт кој, како што велат од охридскиот голф клуб, може да се практикува од 7 до 77 години. Свеченото отворање ќе биде подоцна во текот на месецов.

    „Сега ќе можеме да го развиваме голфот како спорт на едно повисоко ниво кое претходно, поради тоа што немаше терен во земјава, не беше возможно“, вели Михајло Арнаудов, член на голф клубот ЦЖГ Охрид.

    Терените на површина од 3,5 хектари се изведени од Општина Охрид, а Министерството за локална самоуправа обезбеди 5,7 милиони денари за доуредување на просторот на кој се направи голф драјв ренџ, мало голф игралиште со 6 дупки и голф академија. Набавена е и опрема, колички за голф и апарати за голф топчиња.

    Љубителите на овој спорт велат дека првиот голф терен во државата кој е направен по сите стандарди ќе им овозможи постигнување на далеку подобри резултети.

    „Сега ќе можеме да ги тренираме ударите и вештините на овој спорт. Радува што тука на теренот гледаме доста млади заинтересирани за овој спорт“, вели Роберт Марковски, член на Македонската голф федерација.

    На Охрид му треба една ваква приказна во туристичката понуда за привлекување поголем број туристи, сметаат од охридскиот голф клуб.

    „Долго време укажувавме дека е потребно едно вакво нешто на градот и на државата од аспект на спортска, социјална и туристичка понуда. Веќе ни се јавуваат туристи секојдневно, прашуваат кога ќе започне со работа. Континуиран интерес има и од хотелската заедница и заедницата на издавачи во Охрид, па и од целиот угостителски сектор со цел ова да биде уште една можност која ќе ја промовираат и нудат“, вели Александар Гоџо од охридскиот голф клуб.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира