ВО ПОДМЕТНАТ ПОЖАР ИЗГОРЕ СКОРО ПОЛОВИНА ОД КОПНЕНАТА ПОВРШИНА НА ПАРКОТ НА ПРИРОДАТА ЕЗЕРАНИ ВО ПРЕСПА, ШТЕТАTA E МИЛИОНИ ЕВРА 

    ВО ПОДМЕТНАТ ПОЖАР ИЗГОРЕ СКОРО ПОЛОВИНА ОД КОПНЕНАТА ПОВРШИНА НА ПАРКОТ НА ПРИРОДАТА ЕЗЕРАНИ ВО ПРЕСПА, ШТЕТАTA E МИЛИОНИ ЕВРА Изгорени се над 500 хектари површина, главно природа која се смета за гордост во претставување на македонските природни вредности пред светот.(Фото: СДК.МК)

    Пожарот кој се случи на 20 и 21 јули во Паркот на природата Езерани во Преспа предизвика огромни последици врз квалитетот на живот на локалното население, биолошката разновидност, како и квалитетот на водите од Преспанското Езеро, соопштија од Македонското еколошко друштво (МЕД).

    Изминатите денови, тимот на МЕД предводен од Лазар Николов изврши детална анализа на состојбите на терен, при што беше утврдено дека пламените јазици проголтаа над 500 хектари површина, главно природа која се смета за гордост во претставување на македонските природни вредности пред светот.

    Градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски изрази сомнеж дека пожарот  бил подметнат.

    „Не е првпат да го палат. Ние гаснеме, а други потпалуваат. Не може да се каже точно зошто, едни палат за плодно земјиште, други за печурки, а трети пиромани“, вели Тозиевски.

    Изгорени се околу 200 хектари трска, над 160 хектари шуми и галерии од врби и тополи, околу 100 хектари на ливадски заедници, околу 30 хектари шуми од евла, околу 15 хектари земјоделски насади и овоштарници, како и 10 хектари преодни вегетациски типови од најблиското крајбрежје на езерото.

    „Нашите првични согледувања на терен се дека околу педесет проценти од зафатените површини од шуми и овоштарници се целосно уништени. Скоро половина од копнената површина на Паркот на природата Езерани настрада во овој пожар, предизвикувајќи штети во вредност од милиони евра“, рече Николов.

    Од Паркот претпоставуваат дека големи штети претрпи и живиот свет, посебно птиците и гнездилиштата. Во Паркот на 1.917 хектари живеат голем број ретки и загрозени растителни и животински видови. Тој е дом на 216 видови птици од кои дел глобално загрозени што претставува 66% од птиците на национално ниво или 42% од вкупниот број птици регистрирани во Европа. Меѓу нив и најголемата колонија на далматински пеликани. Во Езерани живеат 30 видови цицачи, безрбетници, водоземци и влечуги меѓу кои и балкански ендемити, кои се дел од природното богатство на Македонија.

    Паркот Езерани е прогласен за заштитено подрачје од четврта катергорија според Закон за заштита на природа, согласно критериумите на Меѓународниот сојуз за заштита на природа (IUCN), а според согледувања на МЕД, Езерани претставува национално и светско природно богатство со кое треба да се гордее целата држава.

    Од Паркот на природата Езерани додаваат дека во со години, во и околу паркот се сведоци на предизвикани пожари од помали размери кои се карактеристични во периодот февруари-април кога вегетацијата е многу слабо равиена. Меѓутоа во ваков сушен период од годината, со толку многу лесно и брзо горлива вегетација, пожар од ваков интензитет и размери е незапаметен.

    Во гасењето учествуваа претставници на Противпожарната единица на Ресен, вработени во Парот Езерани и Галичица, од Општината Ресен, а се вклучи и еден „ер-трактор“ од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира