Во Полициското одделение во тетовското село Жеровјане денеска е отворена канцеларија на Управната служба на МВР во која жителите од регионот на Општините Брвеница и Боговиње ќе можат да извадат лични документи како лични карти, пасоши, возачки дозволи и други услуги од надлежност на полицијата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на отворањето на канцеларијата рече дека со овие нови управни служби четириесетина илјади граѓани ќе можат сите потреби од лични документи да си ги остварат многу поблиску до своите домови.
Ова е шесто Полициско одделение каде што се овозможува ваков тип услуги, а вакви канцеларии во руралните средини досега се отворени во Јегуновце, Липково, Сарај, Демир Хисар и Желино.
З. АНДОНОВ