Учеснички од над 20 градови од Македонија и неколку од соседните земји беа дел од манифестацијата „Зелникот на баба“, која по 12. пат се одржува во Пробиштип. Според сите оценки, ова беше најмасовниот собир на оваа традиционална манифестација, посетена од неколку илјади граѓани од Македонија и од странство.
Организаторот симболично додели награди за најуредените штандови и за најбрзите учеснички кои сукаа зелник по пропозициите со девет кори и испечен под вршник. Манифестацијата имаше и хуманитарен карактер, па сите средства собрани од продажбата на зелниците ќе бидат наменети за лекување на млади луѓе со ретки болести.
„Учесниците од дваесетина градови од Македонија, како Охрид, Битола и Кичево, но и учесниците од Србија и Бугарија, на околу 20 штандови, од кои четири беа на домаќините од Пробиштип, ги презентираа своите сукани јадења, со акцент на пробиштипскиот рецепт ‘Зелникот на баба‘“, вели Раде Илиевски од Општина Пробиштип.
Т. ЈОВАНОВСКИ



