Завод и Музеј Охрид во рок од 30 дена треба да преземе итни мерки за заштита на локацијата каде е оштетената Спомен-куќа на Владо Малески во Струга, да даде насоки за идни чекори, но и да направи проценка на штетата на објектот кој има големо историско и културно значење. Ова се заклучоците од инспекцискиот надзор од Управата за заштита на културното наследство чии инспектори вчера повторно беа на терен.
Поради изградба на објект во Струга, минатиот месец беше оштетен ѕид и кровот на куќата-музеј на Малески, авторот на текстот на македонската химна, која е споменик заштитен како културно наследство. О
Директорот на националната установа Завод и Музеј Охрид Горан Патчев, кратко ни одговори дека во најкраток можен рок ќе постапат по насоките по што ќе се преземат итни неопходни мерки за спречување натамошно оштетување на куќата. Отпочнати биле и подготовките за изработка на конзерваторски проект за санација на објектот, но колку ќе чини санацијата допрва ќе се утврдува.
Полицијата и Јавното обвинителство сѐ уште истражуваат дали има пропусти во градежната документација со која сопственикот на објектот ги започнал градежните работи со кои предизвикал оштетување на Спомен-куќата. Неофицијално кривичната пријава ќе биде поднесена веднаш откако ќе се направи градежно вештачење за да може да се утврди вина.
Според адвокатот Глигорие Ќатоски сторителот во овој случај сторил повеќе кривични дела, оштетување или уништување на добра под привремена заштита, културно наследство или природни реткости, бесправно градење и загрозување на сигурноста при изведување на градежни работи.
„Доколку градежните работи се изведувале без соодветни дозволи или спротивно на нив, може да се примени и став 2 од член 264 од Кривичниот законик кој предвидува казна затвор од три до десет години за вршење недозволени работи на добра под заштита. Ако поради таквите работи настане оштетување, како во овој случај, став 3 предвидува уште потешка казна затвор од пет до десет години. Согласно став 6 од Член 264, средствата за извршување на делото и предметите на делото се одземаат. Ова може да вклучи градежна механизација и други алатки употребени при извршувањето“, вели Ќатоски.
Според него покрај одговорноста за оштетувањето, Јавното обвинителство треба да ја истражи и законитоста на самата градба.
„Доколку се утврди дека градежните работи се изведувале спротивно на основниот проект и со тоа е нарушена механичката отпорност и стабилноста на соседниот објект, куќата-музеј, може да се примени и став 3 од од Член 244-а. Клучно е што став 6 од истиот член предвидува дека изградените недвижности, објектот што го градел приватниот градежник, се одземаат. Ова е една од најстрогите последици за бесправно градење. Кривичното дело Загрозување на сигурноста при изведување на градежни работи, Член 289 од Кривичниот законик, се однесува на одговорноста за непочитување на техничките правила и прописи при градење“, појаснува Ќатоски.
Доколку приватниот градежник работел во рамките на правно лице, фирма-изведувач, тогаш и правното лице ќе сноси кривична одговорност, а според Ќатоски има и граѓанска одговорност, односно должност да се надомести целокупната предизвикана штета, како материјална, трошоци за поправка, така и нематеријална поради повреда на културното значење на објектот.
Куќата на Владо Малески е една од најзначајните културни објекти и симболи на антифашистичката борба во која на 23 септември 1941, во присуство на членовите на покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) за Македонија, народниот херој Кузман Јосифовски-Питу одржа конститутивен состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и Струшко.
Пред куќата стои биста на Кузман Јосифовски-Питу.
С. ВРЕНЦОВСКА



