На тротоарот на улицата Орце Николов во скопско Дебар Маало поставена е канта која зборува и ги опоменува минувачите да не го фрлаат ѓубрето кај ќе стигнат. Интерактивната канта за отпадоци е поставена од Центарот за современи уметности со цел да се подигне свеста кај граѓаните за правилно одлагање на отпадот.
„Се надеваме дека опоменувајќи ги граѓаните, но и надлежните на ваков креативен и по малку хумористичен начин ќе успееме барем малку да влијаеме на подигнувањето на свеста за комуналната хигиена и да придонесеме кон почист град“, велат од Центарот за современи уметности.
Кантата е направена од рециклирани материјали односно стара цевка за канализација и во неа е сместена електроника со сензори кои го детектираат движењето и опоменуваат да не се фрла ѓубре наоколу, a кога некој ќе фрли ѓубре, кантата се заблагодарува и ја раскажува својата приказна за ѓубрето во градот. Кантата нуди можност на граѓаните да поразговараат со неа и да ги слушнат причините зошто е валкан градот, но и да ги слушнат проблемите со кои се соочуваат мнозинство канти за ѓубре.
„Од наредната недела граѓаните ќе можат да се сретнат и да поразговараат со кантата на различни локации низ градот“, додаваат од Центарот за современи уметности
Кантата е дело на групата „Урбани уметнички акции“ која делува во склоп на Центарот за современи уметности.
А. АНТЕВСКА