МЖ Транспорт пушти во сообраќај електрична локомотива која поради неисправност била вон употреба пет години. Таа сега е репарирана и поправена и го засили скудниот возен парк на МЖ Транспорт.
„Со поправката на оваа локомотива заштедивме 500.000 евра, со тоа што ја извршивме со сопствени капацитети. Нашата работа и визија е со максимална посветеност на секои 5-6 месеци да пуштиме во употреба локомотива која со години била нефункционална“, информираа од МЖ Транспорт.
Локомотивата со број 462-002 е популарна кај персоналот како „романка“, бидејќи е од романско производство, а по германска лиценца. Таа ќе сообраќа на делницата Табановце-Гевгелија и обратно. Истовремено, вработените од МЖ Транспорт работат на поправката на уште една ваква локомотива.
П. ПЕЧКОВ