На археолошкиот локалитет Стоби во тек се истражувања на неколку објекти, дел од годишната програма за работа. Во тек се конзервација на архитектонските остатоци од резиденцијален и комерцијален кварт од рановизантиски период, доистражувања на Римскиот театар, археолошки доистражувања и конзервација на фрескоживопис од Старата епископска базилика и конзервација и реставрација на Јужен градски бедем и Јужна Порта. Тие треба да дадат повеќе информации за овие градби.
„При работите на Јужен градски бедем и Јужна градска порта има возбудливи откритија и наоди, кои укажуваат на точна временска рамка кога портата била затворена и ставена надвор од функција. Покрај работата на ѕиданите делови на Римскиот театар, продолжија и работите на конзервацијата на мермерните елементи од украсената архитектонска позадина на театарската сцена, со пополнување на пукнатините на блоковите и спречување на нивното понатамошно уништување“, кажа Спасе Перовски, директор на Националната уставова Стоби.
Сите проекти кои се реализираат, се со средства обезбедени од годишната програма на Министерството за култура.
Од музејската активност се работи на конзервација и реставрација на керамички садови, мозаици, стаклени предмети, метални предмети. Се работи и на илуминацијата на археолошкиот локалитет, што ќе овозможи ноќни посети на туристите, кои ова лето се вратија на локалитетот, по две години пауза поради ковид пандемијата. Тука се реализираат и меѓународни проекти, со цел Стоби да биде целосно истражен.
„Работиме на проект каде учествуваат институции од седум држави. Поента е да создадеме нови искуства, кои ќе ја привлечат младата публика назад, на овој локалитет“, рече Димитар Николовски, вработен во Стоби.
Летово на Стоби завршија и две меѓународни школи, кои ги посетуваа студенти од странство. Во јуни беше 10-тата меѓународната работилница за керамика, стакло и конзервација на мозаик, а во јули 11-тата меѓународна школа за археологија. И двете се организирани заедно со Националната установа Стоби и Фондацијата Балканско наследство од Софија.
П. ПЕЧКОВ