ВО СТРУМИЦА ОДЕДНАШ ЌЕ СТИГНАТ СИТЕ 10 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ, А НА 11 СЕПТЕМВРИ ЌЕ ПОЧНЕ ПРОБНО ВОЗЕЊЕ

    ВО СТРУМИЦА ОДЕДНАШ ЌЕ СТИГНАТ СИТЕ 10 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ, А НА 11 СЕПТЕМВРИ ЌЕ ПОЧНЕ ПРОБНО ВОЗЕЊЕОд промоцијата на електричните автобуси во Струмица пред три години. (Фото: СДК.МК)

    Директорот на ЈП Струмица Транспорт Драги Поп Стојанов најави дека од 1 до 6 септември е договорено 10 електрични автобуси да стасаат во Струмица, полначите се поставуваат и автобазата се спрема оти, како што кажа, овие вредни автобуси не треба да бидат на отворено. На 11 септември ќе бидат повикани претставници на Министерството за транспорт и врски и на дипломатскиот кор, на почетокот на пробниот период на возење на автобусите.

    Поп Стојанов зборуваше на седницата на Советот на Општина Струмица, на која што се расправаше за Извештајот за работата за првите 6 месеци со финансиски резултати на ЈП Струмица Транспорт, но и за измените на годишниот план за вработување. Како што рече директорот, во наведениот период во Струмица ќе стасаат сите 10 автобуси, а не првите пет како што стои во договорот.

    За директорот Драги Поп Стојанов ова е голема предност, пред сè, поради новите регулативи на ЕУ, но и ќе биде од функција на самото јавно претпријатие, кое што ќе стартува со сите 10 автобуси, земени на лизинг, а не само со петте кои требаше да стасаат до септември, додека останатите во рок од 18 месеци.

    Електричните автобуси се набавени од „Аутомакедонија“ по пат на финансиски лизинг. Чинат 7 милиони евра.

    Во однос на физибилити студијата, тој кажа таа дополнително ќе биде доставена до советниците иако тие со месеци ја очекуваат за да ја видат економската оправданост на овој проект, но и кои се линиите, стојалиштата, начинот на обраќање на автобусите, цената итн.

    Паралелно, ЈП Струмица Транспорт набави и 6 полначи во вредност од 230 илјади евра. Во меѓувреме се спрема автобазата каде што ќе се паркираат автобусите, а беше распишан и тендер за мобилни контејнери. Овие јавни набавки ги добија „Џови Компани“ и „Евроградба Иженеринг“ од Владевци во вредност од околу 8 милиони денари или околу 130 илјади евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира