Поминаа две години од изработката на скулптури од работилницата во 2020, но две дела сѐ уште не се поставени на јавните површини во Велес. Останатите четири беа поставени уште лани. Едната е дело на автор од Бугарија, втората е на велешкиот скулптор Ангел Коруновски.
„За скулптурата „Емпатија’ од Иван Ковачалиев од Бугарија, што треба да се постави во паркот кај Автобуската станица, веќе е направена стопата на која треба да се постави скулптурата и ќе се постави во најкус можен рок. Скулптурата ‘Изолација’ од Коруновски согласно мислењето од Секторот за урбанизам, заштита на животната средина, комунални дејности, евроинтеграции и локален економски развој требаше да се постави во паркот во ООУ ‘ВасилГлавинов’. Подоцна е утврдено дека освен што ќе треба да се постави бетонска подлога која ќе зафати голем дел од зеленилото, во тој дел има прскачи со дополнителни елементи и врз кои не може да се постави таа подлога. Исто така, водата од околните прскачи секојдневно ќе ја уништува скулптурата, а истите не може да се дислоцираат затоа што се поврзани во систем“, велат од локалната власт на нашето прашање.
Овие скулптури останува да се постават заедно со делата од работилницата од 2021, кои сѐ уште не се поставени, а вообичаено тоа се правеше околу 9 Ноември, Денот на Општината. На ланската работилница беа изработени четири скулптури.
„Скулптурите од 2021 сѐ уште не се поставени затоа што со промена на членовите на Советот на Општина Велес требаше да се конституира нов Одбор за подигање на спомен-обележја на територија на Општина Велес. Тој врз основа на мислењето од Секторот за урбанизам, заштита на животната средина, комунални дејности, евроинтеграции и локален економски развој треба да даде позитивно мислење до Советот. Со оглед на тоа што во периодот кој што следи ќе има нови парковски површини се планира истите да бидат разубавени со дел од овие скулптури“, велат од Општината.
П. ПЕЧКОВ