Директорот на велашката Општа болница Димитар Стровјаноски објави дека со години не им била наплатувана партиципација на одредени пациенти, што придонело болницата да има долгови. Тие истории на болеста биле чувани во „бункер“.
„При скенирањето на состојбите дојдовме до фрапантни податоци, дека се криени од 2013 до 2017 истории кои не се наплатени како партиципација. Формирав комисија која најде заклучена просторија со огромен број на истории, каде не е процесуирана наплатата, нема барање до пациентот да ги затвори и плати обврските кон ЈЗУ Општа Болница Велес. Сумата која не е платена како партиципација е во висина од 2,7 милиони денари што на некој начин дополнително ја влошило состојбата“, рече в.д. директорот Стровјаноски.
По половина година од доаѓањето на директорската позиција, од 7 август лани до 6 февруари годинава, в.д. директорот на ЈЗУ Општа Болница Велес, Димитар Стровјаноски кажа дека го намалил долгот, кој го наследил, за 10 милиони денари.
„Наследив долг од 67 милиони денари, а на 19 јануари состојбата беше долг од 56,3 милиони денари или вратени 10 милиони, кон добавувачите на лекови и добавувачот на храна, комунални услуги, скастрени се непотребни трошоци, зголемен влез на партиципацијата“, изјави Стровјаноски.
Тој додаде дека ова намалување на долгот не било со заштеда на штета на пациентите, лековите, храната и на греењето. Напротив, директорот тврди дека храната е подобрена, понуден е оброк кој е наменет за секој пациент според болеста одделно.
„Најдовме сајбер криминал, преку злоупотреба на матичните броеви на пациентите исчезнати се лекови и потрошен материјал за половина милион денари. За толку пари е оштетена болницата, од вработена. Предметот е во процедура во јавното обвинителство“, дополни Стровјаноски.
Обврските кон други јавни здравствени установи во Македонија, биле пред се кон Заводот за трансфузиона медицина и Центарот за Јавно здравје Велес во висина од 18 милиони денари, додека велешката болница имала побарувања кон Министерство за здравство од 25 милиони денари, кои потекнувале од 2011 година наваму.
П. ПЕЧКОВ