ВОЗОТ ЗА ПРИШТИНА И ДОГОДИНА ЌЕ БИДЕ ЕДИНСТВЕНАТА МЕЃУНАРОДНА ЛИНИЈА ОД СКОПЈЕ

    ВОЗОТ ЗА ПРИШТИНА И ДОГОДИНА ЌЕ БИДЕ ЕДИНСТВЕНАТА МЕЃУНАРОДНА ЛИНИЈА ОД СКОПЈЕОд денеска има нов возен ред на железницата, укинат е еден воз од релацијата Скопје-Велес (Фото: СДК.МК)

    И со новиот возен ред на Македонски железници, кој од денеска е на сила, единствената меѓународна патничка линија е Скопје-Приштина. Тој од Скопје тргнува во 16:10, а од Приштина во 7:10 часот и патувањето трае три часа.

    И наредната година, возот до Белград и Солун ќе има сезонски карактер, преку лето. Овој воз ќе сообраќа од 13 јуни до 21 септември. Од МЖ Транспорт објаснуваат дека железничките компании на двете соседни земји не покажале интерес Хелас експресда сообраќа во текот на цела година.

    Во домашниот патнички сообраќај, во новиот возен ред има еден воз помалку, и тоа на релацијата Скопје-Велес-Скопје, кој тргнуваше во 4:15, а назад се враќаше во 6:10 часот. Поради ова, извршен е нов распоред на утринските возови меѓу двата града, кога има најмногу патници. Најмногу возови има на релацијата Скопје-Велес, по девет, до Табановце четири, до Битола три, до Гевгелија два и за Кочани и Кичево по еден. Новиот возен ред е со важност до 20 декември наредната година.

    Од МЖ АД Транспорт објаснуваат дека возниот ред е во согласност со расположливиот број на локомотиви, моторни возови и вагони. Пред една седмица, од Шангај кон Солунското пристаниште тргнаа три локомотиви, кои потоа ќе се испорачаат во Скопје, по што ќе бидат вклучени во сообраќај.

    Бројот на превезени патници со воз е континуирано во опаѓање. Ако во 2010 имало 1,5 милиони патници, лани биле 540.000. Во првата половина на годинава, железнички превоз користеле 276.137 патници.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира