ВРАБОТЕНИТЕ ВО ХОТЕЛИТЕ ПУШТЕНИ НА ПРИНУДЕН СО 70 ОТСТО ПЛАТА, ХОТЕЛИЕРИТЕ ВЕЛАТ АКО НЕМА ВЛАДИНА ПОМОШ ЌЕ ОСТАНАТ ДОМА

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО ХОТЕЛИТЕ ПУШТЕНИ НА ПРИНУДЕН СО 70 ОТСТО ПЛАТА, ХОТЕЛИЕРИТЕ ВЕЛАТ АКО НЕМА ВЛАДИНА ПОМОШ ЌЕ ОСТАНАТ ДОМАОд ХОТАМ се надеваат дека бројките на заразени со ковид-19 нема да одат на ниво од претходната година, но растот на ковид-статистиката ги плаши дека ќе останат и без закажаните семинари во периодот кој следи. (Фото: СДК.МК)

    Хотелите на охридско-струшката ривиера и оваа зима ќе ја поминат под клуч. Повеќето објекти и сега се затворени. Останатите работат со минимален број на вработени. Дури 90 проценти од хотелскиот персонал се пуштени на принуден одмор односно примаат 70 посто од платата.

    „Повеќето објекти работат само со чувар, а во некои има само неколку вработени. Дишиме на шкрги. И тие што се отворени работат со неколку вработени. Ако имаат 100 вработени, работат со само 10 отсто од персоналот. Останатите 90 отсто од вработените се или на годишен одмор или се упатени на 70 посто. Тоа е неизбежно и ние претходно кажавме дека тоа ќе следува“ вели Крсте Блажевски, претседателот на Хотелската асоцијација ( ХОТАМ).

    Од ХОТАМ велат дека помошта од Владата мора да е итна во спротивно следат масовни отпуштања.

    „Доколку продолжи ваквата состојба нема да може да се дели плата а тоа значи отпуштања од работа. Се работи за околу 500 фамилии кои би биле вишок иако правиме напори да задржиме на работа сè што може да се задржи оти ќе дојде година кога ќе ни требаат тие вработени. Ние не сакаме отпуштања, но самата ситуација го носи тоа. Ова е веќе втора година на трпење на загуби. Во ваква ситуација ќе мора Владата да се вмеша. Тие добро знаат кој колку придонесувал во минатите години, кој колку плаќал придонеси за тие вработени и данок нормално. Сега треба соодветно да се помогне на истите тие фирми да ја преживеат и оваа кризна година“, додава Блажевски.

    Од ХОТАМ се надеваат дека бројките на заразени со ковид-19 нема да одат на ниво од претходната година, но растот на ковид-статистиката ги плаши дека ќе останат и без закажаните семинари во периодот кој следи.

    „Немаме пат по кој треба да се движиме и да очекуваме нешто позитивно. Имаме една Нова година како поголем празник кој следи, а не знаеме како треба да се однесуваме и колку капацитет може да примаме во самите хотели, на кое растојание, исполнетост на салите и дали воопшто ќе можеме да ја славиме таа Нова година. Доколку тоа не се направи во следните две недели ние не можеме и тука да очекуваме никаква исполнетост бидејќи таа Нова година се продава малку однапред односно агенциите сега ја продаваат. Искрено не очекувам дека за брзо ќе добиеме одговор а со тоа не очекувам ни некоја голема бројка за Нова година“, додава Блажевски.

    Барањата на ХОТАМ за Владина помош, посебно за плати за вработените, сè уште чекале на разгледување. Од таму предупредуваат дека доколку нема приходи вработените кои се испуштени на 70 отсто ќе останат без работа.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира