Вработените од Управата за водење матични книги денеска стапија во предупредувачки штрајк, незадоволни од тоа што две години чекаат да им се покачат платите. Сите вработени денес се на работа, но нема да ги услужуваат странките кои тука доаѓаат да им се издаде соодветен документ.
„Ова е предупредувачки штрајк на вработените во Управата за водење матични книги бидејќи веќе две години бараме покачување на платата од 20%, но досега никој не ни го решава овој проблем. Сите вработени се на своите работни места, но нема да вршиме ниту една услужна работа. Подготвени сме вака да штрајкуваме сè додека не ни се реши нашиот проблем, бидејќи дојдовме до ѕидот и веќе нема враќање назад. Овој проблем мора да се реши, ние не сме многу вработени за чие покачување на платите државата би требало да се издвои некоја голема сума пари. Бараме нашиот проблем што побрзо да се реши за да може граѓаните да ги добијат бараните услуги“, изјави Насер Џемаили, вработен во Подрачното одделение во Тетово на Управата за водење матични книги и потпретседател на Независниот синдикат на оваа Управа.
Вработените во Управата за водење матични книги досега неколку пати ја прекинувале работата барајќи повисоки плати. Иако им било ветено дека тоа прашање ќе се реши, досега ништо не е сторено.
На ниво на држава во оваа институција има околу 350 вработени.
З. АНДОНОВ



