ВРНЕЖИТЕ ГО НАПОЛНИЈА СЛАТИНСКОТО ЕЗЕРО, НО ОСТАНАА ТРЕВИТЕ И КОРОВОТ НА ДНОТО ШТО МУ ШТЕТИ НА ЖИВИОТ СВЕТ

    ВРНЕЖИТЕ ГО НАПОЛНИЈА СЛАТИНСКОТО ЕЗЕРО, НО ОСТАНАА ТРЕВИТЕ И КОРОВОТ НА ДНОТО ШТО МУ ШТЕТИ НА ЖИВИОТ СВЕТЕзерото е во надлежност на Водостопанство на Македонија и со години наликува на мочуриште. (Фото: СДК.МК)

    Врнежите од дожд и снег го наполнија испразнетото корито на Слатиското Езеро, но тоа не го реши проблемот со бујната вегетација која со години израснува на дното од езерото. Штети трпат флората и фауната, но и риболовниот и рекреативниот туризам.

    Со години езерото наликува на мочуриште, но никој не презема мерки да се реши проблемот. Сега дождовите само ја санираа негрижата на надлежните, а градоначалникот на Дебрца вели дека Општината не е надлежна бидејќи самата брана како хидрографски објект и самото Слатинско Езеро како воден ресурс се во надлежност на државата, односно на Водостопанство на Македонија.

    „Проблемот е што во тие три-четири години како што беше испразнето езерото се појави бујна вегетација и требаше да се изврши целосно чистење на дното. Ние како Општина немаме ингеренции околку овој воден ресурс, но сме побарале од државата да го направи тоа. Но за жал, досега Водостопанство го нема исчистено дното на езерото. Сега, нормално, атмосферските влијанија си го сторија своето и водата надојде преку Мраморечка Река“, вели градоначалникот на Oпштина Дебрца Зоран Ногачески.

    Пред седум години, земјено насипната брана на Слатинското Езеро изградена во 1963 пукна, поради што се испразни целото езеро. Вештачкиот воден ресурс, богат со над 20 автохтони видови риба, остана без вода, со што беше уништена целокупната флора и фауна.

    „Долг период не беа преземени активности за санација. Со средства од ЕУ, а во рамките на Програмата за санирање на штети од поплави се обезбедија средства од 1.2 милиони евра и беше извршена санација на браната. При првото полнење се констатираа одредени недостатоци, се појави повторно протекување на водата но и тоа се санира“, вели Ногачески.

    Дебрца е во завршна фаза за носење на урбанистички план за село Слатино во чии рамки е и Слатинското Езеро, каде се предвидени одредени туристички содржини како и уредување на атрактивни зони и патеки.

    „Ако сакаме да го искористиме овој туристички потенцијал треба да се исчисти езерото од таа вегетација“, вели Ногачески.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира