ВРТЕЖИ СЛИЧНИ НА ТОРНАДА СЕ ПОЈАВИЈА ВО ДВА НАВРАТИ НАД ПЕЛАГОНИЈА

    ВРТЕЖИ СЛИЧНИ НА ТОРНАДА СЕ ПОЈАВИЈА ВО ДВА НАВРАТИ НАД ПЕЛАГОНИЈАВртеж над Пелагонија снимен од врвот на Пелистер на 11 јули. (аматерска фотографија)

    Вртежите на облаци што се евидентирани деновиве во Битолско би можеле да бидат првите  торнада на македонско тло, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК истакнатиот професор по географија Мите Ристов од Битола. Појавата на торнада на нашата територија до сега не била забележана, но можно е ова да се првите евидентирани формации за што постојат и фотографии и видеоматеријали.

    Вчера, на социјалните мрежи од метео прогнозерот Славчо Попоски беше објавено видео со појава слична на торнадо, силна бура карактеристична по свртувањата на облакот во облик на цилиндар, како се издига над пелагониското село Живојно.

    Но, и осум дена претходно, поточно на 11 јули, битолчанец кој е голем вљубеник во планината, од врвот на Пелистер сними фотографија на која се гледа вртеж во вид на торнадо. Тоа е најверојатно и првата фотографија снимена на наше тло од ваква силна бура.

    „Појавата на торнадо во Македонија не е забележана досега, така што вчерашната формација на облаци во близина на село Живојно во Пелагонија би можело да биде првото формирано торнадо во државата, кое беше краткотрајно и неколку секунди после допирот со земјата ја изгуби силата. Вчерашните прилики во атмосферата придонесоа за неговото формирање. Циклонот кој се спушти од Централна Европа и го зафати Балканскиот Полуостров предизвика силен продор на студен воздух, кој со мешањето со топлиот воздух и високата влажност во атмосферата предизвика нестабилно време и кратка појава на торнадо“, вели професорот Мите Ристов, географ, претседател на Регионалното географско друштво „Геосфера“ и професор по географија во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола.

    Ристов објаснува дека торнадото како ветер е најмногу карактеристичен за САД, особено во централниот дел на државата, во таканаречената Долина на торнадата, каде во просек годишно се јавуваат околу 1.300 торнада.

    „Покрај САД, појавата на торнадо е карактеристична и за други делови во светот, меѓу нив и во Европа, каде годишно се јавуваат околу 700 торнада, но со далеку помала јачина во споредба со САД. Торнадото во Европа најчесто се случува во јужните и централните делови на континентот кога при поволни атмосферски прилики и судирање на студени и топли воздушни маси настанува брзо издигнување на топлиот воздух и формирање на вртеж“, вели Ристов.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира