Град Скопје објави тендер за избор на фирма која ќе ја догради барокна фасада на зградата „Пелагонија“. Според огласот објавен на страната на Бирото за јавни набавки се проценува дека за новата фасада ќе бидат потрошени околу 1,5 милиони евра.
„Нов изведувач за зградата се бара бидејќи Град Скопје го раскина договор со конзорциумот ‘Билдинг солушн’ и ‘Масон Инженеринг’, поради непочитување на стандардите и роковите предвидени во договорот за реконструкција“, велат од Град Скопје.
„Билдинг солушн“ и „Масон инженеринг“ за доградба на зградата во делот околу влезот и за изградба на барокната фасада од Град Скопје требаше да добијат 1,9 милиони евра. Според договорот склучен во април, 2015, конзорциумот требаше целосно да го смени ликот на зградата во рок од 12 месеци, но и по 26 месеци рефасадирањето не беше завршено.
„Билдинг солушн“ освен од Град Скопје, пари за реализација на проектот „Скопје 2014“ доби и од Министерството за финансии. Оваа компанија за 15,5 милиони евра ја догради поранешна „Југобанка“ во која сега е сместено Министерсвото за финансии.
Сега зградата е со оголена фасадата а дуќанџиите велат дека со страв се движат оти од фасадата висат цигли и бетон, а се случува парчиња и да паднат на тротоарот.
Барокот за зградата „Пелагонија“ Град Скопје го претстави во 2014 година, кога беа објавени идејните решенија за реконструкција на фасадите на дел од зградите околу Плоштад Македонија, меѓу кои беше и оваа. Автори на идејното решение се Лазар Димов и Никола Стакинов, чии потписи стојат и на многу други објекти од проектот „Скопје 2014“. Подоцна во преслекувањето со барок на „Пелагонија“ се вклучи и компанијата „Др. Пановски“, во чија сопственост е објектот. Компанијата на Градот, без надомест, му предаде нов проект за реконструкцијата, дело на „Градежен институт Македонија“ кој беше усвоен и од Советот на Скопје.
А. АНТЕВСКА