ЗА 11 МЕСЕЦИ ОПШТИНА ВЕЛЕС ИСПЛАТИЛА РЕКОРДНИ 11,8 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ НА ГРАЃАНИ КАСНАТИ ОД КУЧИЊА, КАСНАТО БИЛО ЦЕЛО СЕМЕЈСТВО, А ЕДНО ЛИЦЕ ЧЕТИРИ ПАТИ

    ЗА 11 МЕСЕЦИ ОПШТИНА ВЕЛЕС ИСПЛАТИЛА РЕКОРДНИ 11,8 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ НА ГРАЃАНИ КАСНАТИ ОД КУЧИЊА, КАСНАТО БИЛО ЦЕЛО СЕМЕЈСТВО, А ЕДНО ЛИЦЕ ЧЕТИРИ ПАТИСредствата што се исплатуваат се од општинскиот буџет. Тие се наменети и за оштетените, но и за адвокатите кои ги застапуваат. (Фото: СДК.МК)

    За 11 месеци од годинава, локалната власт на Општина Велес исплатила рекордни 11,8 милиони денари обесштетување на граѓани каснати од бездомни кучиња. Во просек, месечно се трошат по еден милион денари за оваа намена. Средствата што се исплатуваат се од општинскиот буџет. Тие се наменети и за оштетените, но и за адвокатите кои ги застапуваат.

    „На листата имаме една цела фамилија, сите се каснати во краток временски период. Имаме едно лице каснато четири пати, во сите годишни времиња; па дали му требаат пари за летување или за купување огрев – го каснува куче. Има напади од кучиња врз луѓе, но убеден сум дека голем број се фиктивни и лажни. Пријавата против непознат сторител за испумпување на буџетот со лажни каснувања до ОЈО Велес е одамна испратена, но повратно немаме никакви информации. Кучињата не можеме да ги задржиме подолго од 30 дена – толку дозволува Законот, тие не можат да бидат трајно згрижени“, кажа градоначалникот Марко Колев.

    Во Регионалниот центар за згрижување на бездомни животни „Шепа“ лоциран близу Кавадарци, формиран од деветте општини на Вардарскиот плански регион, во периодот од 2 мај до 31 октомври биле третирани 365 кучиња. За Велес, заклучно со десеттиот месец, имало 97 заловени кучиња.

    Центарот засега нема заловено и третирано бездомни кучиња од Свети Николе, Чашка и Лозово, иако на локалните власти им била испратена информација дека веќе се работи на згрижување. Со досегашната работа, ниту луѓето ниту кучињата не се безбедни на улица, констатира советник во Општина Велес.

    „За вашата работа имате фактурирано до Општина Кавадарци 549 илјади денари, а за Велес 308 илјади. Ова ми говори дека повеќе работите во Кавадарци, кој е помал град и очекувано е да има помал број бездомни кучиња наспроти Велес. Велес, пак, плаќа далеку повисока месечна обврска кон шелтер-центарот од кој било друг град во Вардарскиот регион“, рече Јованче Манасков, член на Советот на Општина Велес.

    „Во Кавадарци имаме заловено 150 кучиња наспроти 97 во Велес. Причината е што прифатилиштето е стационирано во Кавадарци; тука почесто излегуваме на терен, а во Велес доаѓаме организирано, најмалку двапати неделно. Имаме само едно возило со кое опслужуваме девет општини, од кои шест се активни. Велес не е ставен во втор план наспроти Кавадарци. Потребно ни е уште едно возило“, кажа Снежана Гинева, в.д. директорка на Регионалниот центар „Шепа“.

    Таа побара време за да се почувствуваат бенефитите од работата на центарот и посочи дека бездомните кучиња се резултат на неодговорни сопственици, кои кратко време по набавката ги оставаат милениците на улица.

    П. ПЕЧКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира