ЗА ДВЕ ГОДИНИ ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ПОДЗЕМНАТА СООБРАЌАЈНИЦА НА ЈУЖЕН БУЛЕВАР, НАЈАВИ ТУРСКИОТ ИНВЕСТИТОР „ЛИМАК“

    ЗА ДВЕ ГОДИНИ ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ПОДЗЕМНАТА СООБРАЌАЈНИЦА НА ЈУЖЕН БУЛЕВАР, НАЈАВИ ТУРСКИОТ ИНВЕСТИТОР „ЛИМАК“На презентацијата на проектот беа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и градоначалниците Петре Шилегов и Саша Богдановиќ. (Фото: Лимак)

    За 22 месеци треба да биде готова подземната сообраќајница на јужен булевар, најави денеска на промоцијата на проектот инвеститорот „Лимак Холдинг“.

    Градежните работи за изградба на булеварот под земја се веќе почнати и како што кажа потпретседателот во „Лимак инвестиции“ Сердар Баџаксиз, паралелно ќе се работи и на изградбата на „Дајмонд“ комплексот кој ќе вклучува станбени и деловни објекти, трговски центар, простор за културни активности ресторани, кафулиња.

    „Станува збор за модерна подземна улица, налик на европските метрополи која од двете страни ќе биде поврзана со новите кружни текови кои се планираат во овој дел од градот. Булеварот ќе има по две коловозни ленти од двете страни, посебна лента за движење на автобуси и ќе биде со должина од 800 метри. Паралелно како што ќе оди напредокот на подземната улица, ќе започне и изградбата на ’Дајмонд Скопје‘ комплексот. Во комплексот автентично ќе се вклопи и симболот на градот, Старата железничка станица, денес Музеј на град Скопје, кој се планира да биде возобновен од градските власти. Вкупната инвестиција за овој проект е 250 милиони евра“, рече Баџаксиз.

    Вкупната површина на комплексот ќе биде 325.000 метри квадратни. Максималната висина на објектите кои ќе се градат е 20 ката плус приземје.

    Договорот за изградба на сообраќајницата со турскиот инвеститор беше потпишан на 12 март 2012 од ексградоначалникот Коце Трајановски и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година. Но, оттогаш поминаа повеќе од 6 години, а на терен ништо не се работеше. Дури пред еден месец јужен булевар беше затворен и почнаа градежните работи.

    Од „Лимак“ денес рекоа дека дури сега се почнува со работа оти имале проблеми околу добивањето на градежните дозволите.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира