„Во друштво, кафуле, ресторан, установи, на улица, речиси насекаде од мене се бара виц, досетка, шега, веселост и ведрост без оглед на моето расположение. Кризата си го прави своето. Помалку бизнис, пари ич, борч о-хо-хо. Излез: само со производство. Бидејќи за мајтап не требаат инвестиции, машини, се решив за вакво производство“, вели хумористот Панде Димитровски на одбележувањето 18 години од излегувањето на првиот број на магазинот за хумор и забава „Без навреда“. Весникот полнолетството го одбележа со ретро издание наречено „Скокотни ме да се насмеам“ во кое се објавени голем број шеги, вицoви, анегдоти, замислени интeрвјуа кои го подигаат расположението.
„Како уредник знам дека ‘Без навреда’ е добро средство за смирување, наместо лексилиум или би се послужил со изреката: Смеењето е половина здравје. За другата половина погрижете се сами“, вели Димитровски.
Првиот број излезе во октомври 2005 и до денес се објавени 110 броеви. Весникот има повеќе рубрики, а за соработници истакнати битолски карикатуристи, шегобијци и новинари. Меѓу рубриките е и Советник 32-33, пародија на бројот 31 колку што членови има битолскиот Совет. Во рубриката, Димитровски предлага бројни работи што треба советниците да ги побараат за градот: на Битола да ѝ се отстапи одморалиштето за деца на Пелистер, зградата на старото кино „Партизан“, старата советничка сала да стане детски реквизитен центар и друго.
За жал, опстанокот на магазинот е неизвесен со оглед на тешките финансиски состојби со кои се соочуваат весниците во државата.
„Денес ретко кој се решава да печати списание за хумор. Јас сум повозрасна личност и ги фатив двете држави и Југославија и Македонија. На времето во Југославија постоеше Титов фонд, сега сме оставени во рацете на Тачев фонд, Мицков фонд. Конкуриравме за добивање државни субвенции за весник, се измачивме од берење документи за да ни речат дека најмалку треба да има три вработени, па и други услови и на крај останавме и без таа помош“, вели Димитровски.
Слоганот „Без навреда“ е ставен со цел да не се навредуваат оние кои ќе се прочитат или препознаат во весникот. Но, дали политичарите прифаќаат хумор на нивна сметка?
„Политичарите нема ни да го сфатат хуморот. Душко Радовиќ многу добро има кажано во еден афоризам: ‘Политичарите додека се на земја се како гулаби, ти јадат од рака, кога ќе се качат горе знаете што прават“, вели Димитровски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА