За само половина година, крводарителите од Велес и Велешко го исполнија годинашниот план за крводарување. Со вчерашната акција е исполнет планот за 2022, кој изнесуваше 1.861 крвна единица сосе соседните општини Чашка и Градско.
„Ова беше вонредна крводарителна акција поради потребата од крвни единици која е доста изразена во летните месеци. Крв даруваа 45 лица, од кои двајца за првпат“, кажа Орце Николов, секретар на ОО на Црвен крст Велес.
Општинската организација на Црвениот крст од Велес со години се вбројува меѓу најдобрите за крводарителство на државно ниво. Лани се најде на третото место со собрани 3.677 крвни единици, во 2018 и 2019 беше рангирана на првото место, а во 2020 на второто.
П. ПЕЧКОВ