По обидот на жители од битолски Баир со возило „рено“ деновиве да прегазат полициски службеници, по вторпат во рок од шест дена се случи уште еден сличен настан, овој пат жена со кола се обиде да удри во полицајци. Првиот настан се случи во Битола од група жители на Баир, а за вториот осомничена е жена од Ресен.
Според СВР Битола, вчера околу 22,15 часот во село Грнчари, Ресенско, на патот Макази-Маркова Нога, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Ресен ги лишиле од слобода П. Н. од Ресен и Ф. А. од с. Алданци, Крушевско.
„П. Н. која управувала патничко возило „фолксваген голф“ со битолски регистарски ознаки, не застанала на даден знак за запирање од полициски службеници и се обидела да удри во нив. Сопатникот Ф. А. го свртел воланот и ги избегнал полициските службеници, по што го запрел возилото. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава“, вели МВР.
Само шест дена претходно, Битолската полиција поднесе кривична пријава против осум лица поради напад на полицајци при вршење на работи од безбедноста, а петмина од нив добија мерка притвор.
„На 10.02.2023 во населба Баир, на улица Караорман во Битола, неколкумина лица сакале да ги прегазат полицајците со патничкото возило ‘рено’ во кое се превезувале, а фрлиле и со тврд предмет кон нив, при што повредиле еден полициски службеник. Малку подоцна тие и физички ги нападнале полициските службеници кои вршеле службени дејства“, велат од МВР.
Ж. ЗДРАВКОВСКА