ЗА ТРИ ДЕЦЕНИИ ЗА 60 ПРОЦЕНТИ НАМАЛЕНИ ПРИНОСИТЕ НА МЕД ВО ЗЕМЈАВА

    ЗА ТРИ ДЕЦЕНИИ ЗА 60 ПРОЦЕНТИ НАМАЛЕНИ ПРИНОСИТЕ НА МЕД ВО ЗЕМЈАВАПчеларите велат дека дополнителен проблем покрај малите приноси е и медот со сомнителен квалитет.(Фото: СДК.МК)

    Ако се направи споредба на минатогодишните и годинешни приноси мед со оние од пред десетина години, намалени се за 40 проценти, а во однос на состојбите пред три децении дури повеќе од преполовени, кажаа пчеларите на 25. Денови на македонското пчеларство што се одржуваат во Битола.

    „Последните десетина години е многу лошо. За тоа придонесуваат и климатските промени. Оваа година температурата беше толку висока поради што пчелите не излегуваа од сандаците да одат да берат мед. Излегуваа само да донесат вода за да ја разладат атмосферата во кошницата. И нашите растенија на овие простори над 32 степени Целзиусови не пуштаат нектар. И ланската година и оваа се слични, мали приноси за да се занимавме професионално со пчеларство. Ако направиме разлика од пред 30 години има до 60 проценти помалку мед“, рече Раде Каранфиловски, пчелар кого го нарекуваат таткото на оваа манифестација зашто беше еден од основачите.

    Дополнителен проблем покрај малите приноси е и медот со сомнителен квалитет.

    „Има мед со сомнителен квалитет на пазарите. Апелираме до инспекциските органи да интервенираат оти за нас е нелојана конкуренција, а и граѓаните да не даваат пари за неквалитетен мед. Само на таков начин може да се реши. Оваа ситуација не е само кај нас туку на цел Балкан, само со почести контроли на инспекциските органи може да се стави под контрола“, рече Менде Трајковски од здружението „Нектар“ кое ја организира манифестацијата.

    Покрената е процедура пчеларите да се регистрираат како оператори со храна што ќе значи да обезбедат соодветени услови за производство и чување мед.

    Од Министерството за земјоделство велат дека глобалното затоплување е глобален проблем, а државата обезбедува субвенции за над 6.000 пчелари и тие се опфатени и со новиот модел на субвенционирање што ќе значи зајакната поддршка и поголема контрола за да се избегнат манипулации.

    „Многу зависи од климатските услови, ние се соочуваме со климатски промени тоа не е локален туку глобален проблем, а за глобален проблем мора да има глобални решенија, го следиме трагот, цело време сме на линија, зелената аганда за Западен Балкан е еден инструмент кој ЕУ го овозможи за земјите од регионот. Активно преку него спроведуваме мерки и активности за ублажување на последиците“, рече Гоце Георгиевски, раководител на сектор за рурален развој во Министерството за земјоделство.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира