ЗА ТРИ ФИЗИБИЛИТИ СТУДИИ ЗА ПОПОВА ШАПКА ДОСЕГА СЕ ПОТРОШЕНИ 600.000 ЕВРА, А НЕИЗВЕСНO E ШТО ЌЕ БИДЕ СО ЗИМСКИОТ ЦЕНТАР 

    ЗА ТРИ ФИЗИБИЛИТИ СТУДИИ ЗА ПОПОВА ШАПКА ДОСЕГА СЕ ПОТРОШЕНИ 600.000 ЕВРА, А НЕИЗВЕСНO E ШТО ЌЕ БИДЕ СО ЗИМСКИОТ ЦЕНТАР „Оваа оваа студија од денес е од јавен карактер и треба сите да слушнеме какви предлози се нудат“, вели Хамди Сулејмани од „Да ја спасиме Попова Шапка“, откако изработувачот на студијата „Прајс Вoтерхаус Куперс“ не дозволи новинарските екипи да присуствуваат на презентацијата, а го ограничи и бројот на претставниците на невладините организации кои сакаа да направат увид во студијата. (Фото: СДК.МК)

    Попова Шапка добива нова физибилити студија, трета по ред, која треба да покаже во кој правец треба да се развива овој наш најголем зимско-рекреативен центар. Иако презентацијата беше најавена и беа повикани и новинарските екипи, изработувачот на студијата „Прајс Вoтерхаус Куперс“ не дозволи новинарските екипи да присуствуваат на неа, а и го ограничи бројот и на претставниците на невладините организации кои сакаа да направат увид во студијата. Нивното образложение беше дека сега се прави само најава за почеток на јавната дебата и оваа прва презентација била само за нарачателите Министерството за економија, АД ЕСМ и претставници од институциите.

    Од Иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ велат дека не е прв пат ваквите значајни документи да останат недостапни за јавноста.

    „Oва е веќе трета физибилити студија за Попова Шапка. Првата физибилити студија беше изработена во 2013 година од скопската фирма ‘Векон инт’, која требаше во наредните 36 месеци ќе ги советува Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) за развојот на Попова Шапка, чинеше 200.000 евра, а не успеавме да ја видиме. Втората физибилити студија беше нарачана кај фирмата ‘Екосајн Европа’ и чинеше 233.000 евра, но и оваа студија остана недостапна за јавноста. Денес имеме нова, трета физибилити студија која чини околу 200.000 евра и е финансирана од Светска банка. За жал, на денешната презентација можност да се информираме добија само две лица од нашата организација, а ние сакаме да присуствуваме со петмина. Ние ги знаеме правилата на авторската агенција која ја изработила студијата, но мислиме дека не е во ред да се исклучи присутството на јавноста за ова важно прашање за иднината на Попова Шапка. Оваа оваа студија од денес е од јавен карактер и треба сите да слушнеме какви предлози се нудат“, вели Хамди Сулејмани од „Да ја спасиме Попова Шапка“.

    Директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски кажа дека компанијата по препорака од Владата, заедно со ЕЛЕМ Турс побарале да се изработи длабинска анализа за состојбите на нашите капацитети на Попова Шапка.

    „Овој документ го изработи реномираната компанија ‘Прајс Вoтерхаус Куперс’. Анализата треба да ни ги каже сите можни решенија односно, да ни ги посочи најисплатливите и најодржливите решенија кои се во интерес на сите граѓани. Значи, треба да се разгледаат не само финансиските интереси туку и интересите на граѓаните и туристите. Денеска ќе ни бидат понудени повеќе опции и решенија за начин на управување, а сите засегнати заедно со Владата треба да одлучиме кој модел ќе го избереме“, рече Ковачевски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира