ЗА ТРИ ГОДИНИ ВЛОЖЕНИ НАД 220.000 ЕВРА ВО ОБНОВА НА УЧИЛИШТАТА ВО БИТОЛСКО, НЕКОИ ЗА ПРВПАТ ДОБИЈА ТОАЛЕТ И КАНАЛИЗАЦИЈА

    ЗА ТРИ ГОДИНИ ВЛОЖЕНИ НАД 220.000 ЕВРА ВО ОБНОВА НА УЧИЛИШТАТА ВО БИТОЛСКО, НЕКОИ ЗА ПРВПАТ ДОБИЈА ТОАЛЕТ И КАНАЛИЗАЦИЈАМеѓу училиштата кои се подновени е и она во село Меџитлија. (Фото: СДК.МК)

    Иако не се знае дали учебната година ќе почне со физичко присуство на учениците, училиштата во Општина Битола значително ги подобрија условите за настава. Во градот нема училиште каде што во изминатиот период не се изведуваа реконструктивни зафати. Се санираа тоалети, покриви, фасади, се обновуваа спортските терени, се менуваа врати и прозорци, се поправаа тавани, кабинети… Според податоци од Општината, оваа локална власт за три години вложила 13.291.930 денари или 221.532 евра во 11 основни и пет средни училишта.

    Спортскиот терен во ОУ „Кирил и Методиј“ доби нов асфалт по 40 години (Фото: СДК.МК)

    Од инвестициите не беа исклучени ни подрачните училишта во руралните средини. Во училиштето во село Граешница донесени се довод и одвод, со што тоа во 21. век доби тоалет. Во школото во село Кравари променет е подот и ставена е цврста подлога зашто под училницата имаше визба висока два метра и постоеше опасност некој да пропадне. Поставена е и канализација зашто училиштето беше оставено со септичка јама. Водовод, канализациона и хидрантска мрежа доби и училиштето во Лопатица.

    Во четири од централните училишта вложени се над три милиони денари за санација на тоалети или, пак, е обезбеден материјал за санитарии и реконструкција на тоалети. Во пет училишта направена е санација на покривите, поставени се бекатон патеки околу дел од училиштата, а во основното училиште „Кирил и Методиј“ преасфалтирано е спортското игралиште, каде што интервенции немаше цели 40 години.

    Во Техничкото училиште се санирани тоалетите (Фото: СДК.МК)

    Средните училишта се подновени со зафати вредни над 5,3 милиони денари општински средства. Во Земјоделското училиште поставена е нова дограма, санирана е одводната мрежа, гимназијата „Јосип Броз Тито“ внатрешно е бојосана по долги години, во Медицинското училиште се санирани дел од фасадата и таваните, во Техничкото тоалети, два кабинета и осум училници, а во проект со Бугарија обезбедни се и над 1,6 милиони денари за целосна реконструкција на покривот и дограмата.

    „За мене и за Општината, образованието останува приоритет број еден. Тоа е нашиот столб, нашето вложување во генерациите, тоа е влог во нашата иднина“, вели градоначалничката Наташа Петровска.

    Покрај реконструкциите и реновирањата со општински пари, во училиштата во Битола се вложени повеќе милиони денари преку сопствени средства на школите, други проекти, министерства и донации. За време на претходната власт 12 битолски училишта беа со блокирани сметки и должеа над 4,3 милиони евра. Лани беа одблокирани, а Владата префрли дел од средствата за училиштата да можат нормално да функционираат.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира