Првото задруга-кафуле „Артикултура“ , кое синоќа беше отворено во битолската чаршија, има мисија на градот да му ја врати алтернативната културна сцена. Зад иницијативата стои група ентузијасти од Битола, кои велат дека сакаат да креираат и да заживеат едно нетипично кафуле, кое нема да го компромитира квалитетот на музиката и настаните кои таму ќе се одржуваат заради профит.
„На Битола тоа ѝ треба. Во градот во 1990-те години имаше многу такви места, ‘Висаж’, ‘Мадера’, ‘Пила’ и други, каде алтернативната култура и сцена беа живи. Таа сцена беше жива до кај 2000-та година, а последниве 17 години има пауза и сите кафулиња се на некое комерцијално ниво. Ова ќе биде простор на прогресивната младина која ќе придонесе на градот да му се врати алтернативната култура“, велат од Задругата.
Во овие тешки времиња кога секој си гледа за себе, тие успеаја да ја повратат солидарноста. Битолчани бесплатно, донирајќи кој плочки, веце шолја, други елементи, а некои и со доброволна работа, бесплатно им помогнаа да го уредат просторот.
Членовите со кои разговаравме не сакаа да ги именуваме одделно, за да покажат дека задругата всушност и функционира со хоризинтален систем на хиераргија, поточно сите заедно одлучуваат, а не како во другите кафилиња каде газдата го има последниот збор. Ова е здружение од отворен тип каде што можат да се зачленат и други граѓани кои сакаат да придонесат за развој на алтернативната сцена во Битола.
„Целта на задругата не е да оствари профит, туку да постигне самоодржливост. Ќе се организираат свирки на авторски бендови, изложби, промоции на книги, проекции на филмови, дискусии… А ако во некој момент остварува профит, задругарските правила велат тој да се вложува во организирање културни настани кои ќе бидат поголеми и поквалитетни“, велат задругарите.
Тие ја замислуваат задругата „Артикултура“ како место каде што секој ќе се чувствува слободно и никој нема де биде суден поради својот изглед, начин на облекување или сексуални преференции, место каде што човек ќе може да најде истомисленици со кои заеднички ќе креира нови иницијативи.
„Во социјализмот насилно се формираа задругите, а тука свесно го правиме ова. Најубавиот момент е тоа што по идеологија имаме десно ориентирани, центар и крајна левица и сите функционираме беспрекорно. Тоа е убав момент и се надевам заразно ќе стане и сите ќе сфатат дека може да се направи здружување и надвор од политиката“, велат задругарите.
За почеток, синоќа настапија „Фанк Шуи“ и „Фолтин“, а вечерва на програмата е астро-забава, на која ќе ѝ претходи предавање на физичарот Марко Шунтов и изложба на ретро постери дизајнирани од Зоран Кардула.
Задругарите имаат за цел со заживување на местото, да го поттикнат и враќањето на забавниот и ноќен живот во старата битолска чаршија. Пред дваесетина години таму беше главното сврталиште на младите навечер, а на Широк Сокак немаше ни едно кафуле за разлика од денес.
Ж. ЗДРАВКОВСКА