Заменик министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Власте Димковиќ од Српската партија, во саботата е исклучен од партијата, а ќе се побара и негово разрешување од Владата затоа што работел против интересите на сопствената партија и коалицијата на СДСМ на локалните избори.
Димковиќ кој доаѓа од општинскиот одбор на Старо Нагоричане, за изборите не се согласувал со одлуката на коалиционите партнери кандидат за градоначалник да биде Жаклина Јовановска, па во првиот круг дал подршка на градоначалникот и листата на советници на Јанко Бачев.
Поради поделеноста меѓу коалиционите партнери Јовановска за стотина гласови не победи во првиот круг на изборите, а Српската партија не доби ниту едно советничко место во Советот на општина Старо Нагоричане.
Ваквото однесување ги налути сопартијците на Димковиќ, кои на состанокот на централниот одбор одлучиле да го исклучат од партијата.
„Нашиот статут предвидува секој кој ќе работи против интересите на партијата да биде под итно исклучен. Димковиќ призна дека згрешил и беше изненаден од една ваква крупна одлука, но ние нема да попуштиме и ќе бараме негова смена од заменик министерското место“, изјави Мирослав Јовановиќ, претседател на Српската партија во Македонија и пратеник од Куманово.
Тој не сакаше да каже кој ќе го наследи Димковиќ во Министерството.
С. НИКОЛИЌ