Обилните врнежи од дожд и снегот што од синоќа паѓаше во Тетово предизвикаа неколку одрони и свлечишта од земја и камења, кои го блокираа локалниот пат што води од Тетово кон месноста Бањиче и до неколку села во повисокиот дел на Шар Планина.
Освен што е затрупан патот и е прекинат сообраќајот на овој патен правец, одроните предизвикаа и штети на инфраструктурата поставена на патот. Најголемото свлечиште од земја и камења настана веднаш над големиот потпорен ѕид, долг 120 метри и висок 5 метри, кој кон крајот на 2023 година беше изграден од Општина Тетово токму за заштита од одрони. Другиот потпорен ѕид, кој се наоѓа подолу, пак, претрпе одредени оштетувања. Во синоќешните одрони нема повредени лица ниту оштетени автомобили.
„Иако се извршени интервенции, како резултат на врнежите повторно има свлечиште на патот кон Бањиче. Се молат граѓаните да не патуваат кон оваа месност додека не се подобрат условите и не се стабилизира ситуацијата. Општинските екипи се на терен и внимателно ја следат состојбата“, соопштуваат од Општина Тетово.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека во Тетово и околината има пријави за уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициските службеници вршат увид на местата каде што има урнати ѕидови, додека општинската механизација интервенира за расчистување на свлечиштата и санација на штетите.
З. АНДОНОВ



