Првиот декан на Земјоделскиот факултет во Штип, Илија Каров, вели дека македонскиот земјоделец е соочен со голем предизвик затоа што од една страна е исправен пред неповолни климатски промени, а од друга страна е под удар на разни општествени влијанија и политичко-економски мерки кои не се во негов прилог.
„Македонија мора да го зголеми производството на своите стратешки култури, пред сè на пченицата и на јачменот, но и да ги врати заборавените како што се шеќерната репка, памукот и така натаму. Исто така, неопходно е да се зголеми откупната цена зашто незамисливо е на пченицата да се откупува за 12-13 денари или оризот за 25 денари. Затоа ни се случува старите земјоделци кои повеќе не можат да работат да се откажуваат од своите ниви, а младите ја напуштаат државата па имаме состојба на зголемување на напуштените земјоделски површини“, вели Каров, кој како пензиониран професор беше почесен гост на одбележувањето на зборникот на факултетот што прерасна во научно списание за научно-истражувачки трудови.
Сите изнесени сознанија од професорите на Земјоделскиот факултет се содржани во нивните научни трудови кои се дел од Зборникот што првпат е објавен во 2000 година.
„Публикувачките активности на Институтот за јужни земјоделски култури – Струмица продолжија до 2006 година со објавување на годишни зборници на трудови. Првиот Зборник на Земјоделскиоот факултет во Штип е објавен 2007, во годината на неговото основање. Во 2017 година, со одлука на Наставно-научниот совет на факултетот се покрена иницијативата на трансформирање на годишниот Зборник во меѓународно списание (ЈАПС), а првиот број беше објавен како продолжение на зборникот од 2017 година“, вели Лилјана Колева-Гудева, претседателка на Комисијата и координаторка на издавачката дејност на Универзитетот во Штип.
Деканката на Земјоделскиот факултет, Емилија Арсов, вели дека денес со гордост може да се каже оти ЈАПС е меѓународно списание кое ги интегрира најновите научно-истражувачки резултати на истражувачите од факултетот, од државата и пошироко во регионот и е индексирано списание во дата базите ЕБСЦО И ДОАЈ. Не само професорите, туку и сите магистранти и докторанти може да ги објавуваат своите научни и истражувачки трудови во меѓународно списание.
Т. ЈОВАНОВСКИ