Станарите на зградата „Дива“ на улица 22 октомври во Радовиш, трет ден се без вода, бидејќи ЈП „Плаваја“ ја исклучила водата. Четириесет фамилии се без вода бидејќи инвеститорот не ги подмирил обврските кон претпријатието, па сега од нив се бара да ги платат.
„Инвеститорот ги подмирил обврските кон ЕВН Македонија, но не и кон ЈП Плаваја Радовиш, притоа самоволно го приклучил објектот кон водоводно и канализационата мрежа. Надзорот место да констатира проблем и да алармира ја пушта во употреба зградата. На ваквата постапка не реагирала ниту општина Радовиш ниту ЈП Плаваја, туку до ден денес го прикриваа случајот. Во повеке наврати ЈП Плаваја со закани настојуваше долгот за приклучок да го платат станарите наместо инвеститорот. Откога на средбите не се одзваа станарите се решија да ја исклучат водата а со тоа да направат огромни штети. Во зградата живеат возрасни лица, фамилии со мали деца“, велат станарите на зградата.
Од „ЈП Плаваја“ тврдат дека водата во оваа зграда е исклучена бидејќи половина од станарите немале платено такси за приклучок на водоводот и канализацијата и во ваквата постапка всушност ги штитат останатите корисници на услугите кои за секоја услуга уредно добиваат месечни сметки и истите ги плаќаат.
„Од вкупно 50 станови во зградата 23 имаат уредно регулирани односи со јавното претпријатие. Останатите кои во повеќе наврати се писмено замолувани да дојдат и да го сторат тоа, а не постапиле по сите тие покани и повици се исклучени од водоводниот систем со пломбирање на првиот вентил од мерните гарнитури лоцирани во соодветни ормари на секој кат во ходниците. Инаку сите што се исклучени до денот на исклучување 29.08.2017 година ги добиваа сите услуги од претпријатието без за тоа да платат ни денар“, велат од ЈП„Плаваја“.
„Со нашата постапка всушност ги штитиме останатите корисници на услугите на ЈП на целата територија на општината кои за секоја услуга уредно добиваат месечни сметки и истите ги плаќаат“, велат од „Плаваја“.