На влезот во општина Шуто Оризари од утрово е поставена табла на која пишува „Добредојдовте во општина Шуто Оризари, општината без матичен гинеколог“. Таблата е поставена од Иницијативата на жени од Шуто Оризари, како една од герила акциите, со кои го искажуваат својот револт кон здравствените власти кои се без слух за нивните проблеми.
Салија Бекир Халим, од Иницијативата на жени од Шуто Оризари, вели дека покрај на влезот, ваква табла поставиле и на здравствениот дом во шуто Оризари, и дека со герила акциите сакаат да го потсетат министерот за здравство Никола Тодоров, на ветувањата од претходните години дека ќе обезбеди матичен гинеколог за жените од Шутка и дека ќе обезбеди бесплатни здравствени услуги за бремените жени.
„Пред една година имавме перформанс пред здравствениот дом во Шуто Оризари со кој баравме да се реши проблемот, кој не само што не е решен, туку смртноста на новороденчињата и родилките од Шуто Оризари расте. Според официјалните статистички податоци смртноста кај родилките и бебињата Роми е за 1,5 пати поголема отколку кај другите националности“, вели Салија Бекир Халим.
Таа објасни дека бремените жени не може да ги користат бесплатните лабораториски и други иследувања, ниту пак бесплатно да подигнат фолна киселина и јод, бидејќи за да ги остварат овие права треба да имаат упат и рецепт од матичен гинеколог, а многу од нив немаат.
„Дури ни мерката за неосигурените жени да добијат здравствена услуга не може да се примени, бидејќи и на Клиниката за гинекологија и акушерство не знаеја како да ја применат“, вели Салија Бекир Халим.