Жените од Велес го одбележаа октомври – месецот посветен на борбата против ракот на дојката. Со марш низ главната градска улица Благој Ѓорев, тие со балони во розово ја подигаа свеста за заштита од оваа болест.
„Раната детекција е клучна, потребни ни се превентивни прегледи и самопрегледи. Секоја жена ни е најважна. Со овој марш кој ги обедини жените од градот и по национална и политичка припадност, покажавме единство. Ракот на дојката не е розов, но овој ден ние го обојуваме во розово, во спомен на тие што ја изгубиле битката и за тие што во моментов ја водат најтешката битка за сопствениот живот“, кажа Мирјана Трајковска, претседател на Организацијата на жени од Велес, која беше организатор на настанот.
Меѓу присутните имаше бројни жени кои ја совладале болеста, победиле. Тие имаа и порака до здравствените институции.
„Важни се самопрегледите, но и да има услови жената да се прегледа. А во Велес за жал нема термини за да може да оди на специјалистички преглед“, вели велешанка која има здравствени проблеми.
П. ПЕЧКОВ