ЖИТЕЛИТЕ НА СИРКОВО БАРААТ ДА СЕ ИЗГРАДИ ПРИСТАПЕН ПАТ ДО НОВИОТ МАГИСТРАЛЕН ПАТ ГРАДСКО-ПРИЛЕП, НО И ДА СЕ ОБНОВИ ПРИОДОТ УНИШТЕН ПРИ ИЗГРАДБАТА

    ЖИТЕЛИТЕ НА СИРКОВО БАРААТ ДА СЕ ИЗГРАДИ ПРИСТАПЕН ПАТ ДО НОВИОТ МАГИСТРАЛЕН ПАТ ГРАДСКО-ПРИЛЕП, НО И ДА СЕ ОБНОВИ ПРИОДОТ УНИШТЕН ПРИ ИЗГРАДБАТАЗа да дојдат до лозјата, овоштарниците, нивите, жителите на Сирково се снаоѓаат индивидуално, како знаат и умеат. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на село Сирково, општина Росоман, се незадоволни што приодниот пат до селото е оштетен со изградбата на магистралниот пат од Градско до Прилеп. Но, новиот пат кој е во изградба од 2015 година создаде и други проблеми за ова земјоделско село.

    „Немаме приклучок од селото до магистралниот пат, широчината на приодниот пат до селото е претесен и нема можност да се разминат две земјоделски машини. Проблемот со кој се судруваме е од 2015 година, кога започнаа градежните активности на магистралниот пат и оттогаш асфалтниот пат до Сирково кој постоеше е уништен, сега е земјен“, кажа Веле Коцев претседател на месната заедница Сирково.

    Мештаните реагираат што патот во должина од стотина метри нема расположение да се прошири, сега е три метри, бараат да се врати на димензиите од пет метри од асфалтниот кој тука постоел сè до 2015 година, кога се започнале градбата на магистралниот пат Градско – Прилеп, па постојниот за Сирково е уништен. Додаваат дека кон соседното селото Крушевица, каде живеел само еден жител, се изградил приоден пат, а кон нив нема.

    „Имавме средба со надзорниот орган, со градоначалникот на Росоман, со министерот за транспорт и врски, сите ветија дека проблемот ќе се реши и надмине, но во пракса тоа не се случило досега. Немаме пристап ниту кон нашите обработливи површини, патиштата кон нив, со магистралниот пат се пресечени, уништени“, додава Коцев.

    За да дојдат до лозјата, овоштарниците, нивите се снаоѓаат индивидуално, како знаат и умеат. При неодамнешната посета на Велес, министерот за транспорт Благој Бочварски кажа дека по завршувањето на изградбата на магистралниот брз пат Градско – Прилеп сите приодни патишта кон селата ќе се обноват. Но не кажа дали за Сирков ќе има и пристапен до магистралниот пат. Сирково брои околу 700 жители, селото има амбуланта, основно училиште, пошта.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира