Во 21 век во Радишани живееме затрупани во кал и фекалии, бидејќи Општините Бутел и Чучер-Сандево си ја префрлаат одговорноста меѓу себе, велат жителите на улицата Бел Камен. Велат дека 10 години се заложници на институционално занемарување и административна апсурдност.
Улицата се наоѓа на граница меѓу две општини, Бутел и Чучер-Сандево, и никој не ја санира туку меѓусебно се префрла одговорноста. Дел на жителите припаѓаат на Општина Чучер-Сандево, а гласаат во Општина Бутел.
„Иако редовно ги плаќаме сите наши обврски даноци, комуналии, приклучоци, не добиваме апсолутно ништо за возврат. Со години слушаме само празни ветувања од сите политички партии и градоначалници, дури бевме спомнати во сите предизборни програми, денес едниот градоначалник тврди дека не е негова надлежност, а другиот вели дека има опструкции па затоа работата заостанува. Проекти се најавуваат, тендери се споменуваат, а нашата реалност секојдневно се влошува“, велат жителите на улица Бел Камен.
Велат дека бројот на домаќинства на оваа улица секојдневно расте, а инфраструктурата останува иста како пред 20 години. Нема план, нема инвестиции, нема визија.
„Цевките постојано пукаат, водата се прелива, фекалиите течат по улиците, а секое копање на улиците од страна на екипите на ‘Водовод и канализација‘ останува несанирано, оставајќи зад себе дупки, кал и хаос. Уште пострашно е тоа што основната хигиена и одржување на јавните површини е на нула. Тревата расте неконтролирано, улиците се целосно обраснати, а кога ретко ќе се појават екипи да искосат дел од тревата, ја оставаат на купови, не ја расчистуваат, што дополнително го нарушува изгледот и хигиената на просторот“, додаваат жителите и ја повикуваат власта да интервенира.
Градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, ни изјави дека знае за овој проблем, но улицата е под надлежност на Општина Чучер-Сандево и затоа не може да ја направи неговата Општина.
„Сите улици во овој дел од општината што се на наша територија, до крајот овој мандат ќе бидат реновирани. Веќе реновиравме три, сега ќе почнеме уште три. Но, улицата Бел Камен, за која реагираат граѓаните, е на Општина Чучер-Сандево. Ние без договор за меѓуопштинска соработка не можеме да интервенираме на туѓа територија, кривично ќе одговараме. Сум му понудил на градоначалникот на Чучер-Сандево да потпишеме договор за меѓуопштинска соработка, но тој ги одбива нашите барања. Не знам која е причината, можеби бидејќи е од друга политичка опција“, ни рече Костовски.
Градоначалникот на Општина Чучер-Сандево Сашко Комненовиќ, кој е од редовите на Партијата за економски промени (ПЕП) што е коалиционен партнер на СДСМ, не одговараше на нашите телефонски повици и пораки, да каже зошто улицата стои со години раскопана и низ неа течат фекалии.
А. АНТЕВСКА