Мебел, метални предмети, покуќнина од порцелан, стакло, керамика и голем дел на текстилни килими, гардерoба, прекривки од волна кои се во куќата на Лазар Личеноски, еден од основачите на македонската ликовна уметност, се конзервираат во повеќе фази од конзерваторите во Музејот на Македонија. Објектот во подножјето на скопското Кале, кој беше семејна куќа на прочуениот сликар, од 2015 е во државна сопственост како дел од Националната галерија на Македонија (НГМ).
Куќата е градена од 1961 до 1963, по проект на архитектот Славко Брезовски. Во 2009 куќата е прогласена за значајно културно добро, а во 2017 со владина одлука е прогласена за културно наследство од особено значење.

„Според мене, бидејќи го обработувам етнолошкиот материјал, таа треба да биде и животот и делото на Личеноски, не само уметничката страна, туку и неговиот живот“, вели Ковачовска. (Фото: СДК.МК)
Основниот проект за санација на куќата и нејзино адаптирање во Спомен-куќа „Музеј Лазар Личеноски“ е во надлежност на Конзерваторскиот центар Скопје. Преадаптацијата, конзервацијата и ревитализацијата во Спомен-куќата се прават од 2015, при што се завршени повеќе важни фази.
По репортажите за конзервацијата и реставрацијата на мозаиците во Националната галерија и реставрацијата и конзервацијата на неговите слики во Националниот конзерваторски центар, САКАМДАКАЖАМ.МК за конзервацијата на етнолошкиот материјал разговараше со Лилјана Ковачовска, советничка-конзерватор за дрво и дрвена пластика и раководителка на Централната конзерваторска лабораторија во Музејот на Македонија. Конзервацијата на книжниот фонд ја врши Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.

На лице место во куќата се работи на масивните предмети, како на пример на масовна гарнитура во форма на буквата П на вториот спрат, која има седум засебни елементи. (Фото: Л. Ковачовска)
Првата фаза од конзервацијата на етнолошкиот материјал е почната во 2024 и работено е на 21 предмет од дрво, втората фаза се реализира во период од 2024 до 2025, а конзервирани се 12 предмети и третата фаза од 2025 до 2026 ќе се реализира до мај и ќе опфати 16 дрвени предмети. Во четврата фаза, за која треба следната година да се одобрат финансиски средства, ќе се работат поситните етнолошки материјали, од стакло, керамика, порцелан и текстилни ткаенина.
Етнолози од Музеј на Македонија во 2018/2019 изработија категоризација и инвентаризација на 360 предмети, но, на пример, еден сервис со 18 парчиња се води како една посебна единица, што значи бројката на предмети за конзервација е поголема, вели Ковачовска.

Дрвото е различно од сликарската техника, а со оглед на тоа дека овие предмети, од кои некои се кабасти, гломазни, и се останати во некоја наталожена прашина, изискуваат доста работа. (Фото: Л. Ковачовска)
Во Куќата се останати помасивни предмети, а останатите се дислоцирани во депото на музејскиот објект Мала станица на Националната галерија на Македонија. Што ќе се изложи на крај во постојаната поставка, ќе зависи од главниот уредувач на поставката, кој сѐ уште не е определен
На лице место во куќата се работи на масивните предмети, како на пример на дневна гарнитура во форма на буквата П, сместена во галеријата на вториот спрат, која има единаесет засебни елементи. На првиот спрат се кујната, дневната и спалната, а на вториот спрат била работилница и училница на сликарот Личеноски. На спратот е и балконот со мозаикот кој гледа кон Вардар.
Ковачовска вели дека дрвото се третира различно од сликарската техника, а со оглед на тоа дека овие предмети, од кои некои се кабасти, гломазни, и се останати во куќата и во текот на градежни зафати во објектот, имаат и некоја дополнително наталожена прашина, и изискуваат доста работа.

На елементите кои се рестраврираат директно, каде има пукнатини, скршеници, предметот го шмирглаат, го тонираат, кај тоа што го грундирале, китирале и после го тонираат со темперни бои (Фото: Л. Ковачовска)
„Дрвото како органска материја постојано си работи и подложно е на влијанија од средината и променливите услови, топло-ладно, влага, врнежи, сонце и ветар, тоа континуирано се шири и собира и ја менува структурата и текстурата. Подлежи на механички деформации и на раздградување од разни биолошки причинители како инсекти, габи и мувли. Односно се деградира и од абиотски и од биолошки промени кои најчесто се случуваат во несоодветни услови во средината на одложување и од староста и дотрајаноста на материјалите. Во абиотски промени ги вбројуваме и влијанието од хемиски загаден воздух, напластена нечистотија и прашината. Кај оваа група на предмети констатирани се настанати деформации од физичко-механичка природа, како пукање на лакови, раслојување на дрвото, делумна загуба на фурнир, таквите механички оштетувања ги санираме со реставрација и реконструкција. Од биолошка природа тие се нападнати од разни видови инсекти. Среќа овде нема многу влага, па нема габи“, ни рече Ковачовска.

Четворица конзерватори за мебел работат во оваа фаза од конзервацијата на етнолошките предмети. (Фото: Музеј на Македонија)
Уште немаат план, нацрт како ќе изгледа постојаната поставка.
„Според мене, бидејќи го обработувам етнолошкиот материјал, таа треба да биде и животот и делото на Личеноски, не само уметничката страна, туку и неговиот живот. Има премногу сувенири, патувал во Париз, Виена, Прага, добивал награди и носел сувенири што сметаме дека заслужуваат да имаат место во витрините од постојаната поставка. Ние сега сами мора да си ги бираме предметите и почнавме од материјалите кои се погабаритни и не можевме да ги пренесеме во депото на Националната галерија во Мала станица. Амбиентот треба да биде прецизно осмислен со одбрана група на предмети кои ќе бидат лицето на овој музеј“, вели Ковачовска.
Во првата фаза, конзервацијата почнува со фазата на чистење кое може да биде суво, мокро и механичко чистење. Таа вели дека таа фаза е најдолга и треба најдолго да трае, затоа што тие материјали секогаш се со наталожена нечистотија и прав, кои сами по себе од влага повлекува бактериска и микро флора и често имат присуство од активни инсекти и разградување на дрвото. Црвоточина се сипе од внатрешноста кон надвор, од активноста на ларвите кои се развиваат, растат и созреваат внатре, хранејки се формираат ходници и галерии исполнети со црвоточина и притоа го разградуваат дрвото, на крајот претворајки го во прав и тоа е очигледно при макроскопски и визуелен преглед.
„Кога ќе пристапиме кон предметот, околу него и на него има купчиња во форма на кратери оформени од црвоточина, исфрлана од внатрешната активност на инсектите. Прво отпочнуваме со суво чистење, со суви четки, молерски и сликарски, четки за облека и за ткаенина со меки влакна и всмукуваме со правосмукалка со заштитни мрежици за да ги отстраниме сите нечистотии. Потоа следи механичко чистење со шмирглање или брусење со брусна хартија со различна гранулација, со ситен стоматолошки алат и со употреба на машинки за брусење. На одредени позиции за отстранување на стари маслени премази применуваме ‘Демол’, ефикасно средство кое комплетно ќе ја отстрани бојата без притоа да је оштети површината под бојата. Делуваме делумно хемиски и по механички пат, за да дојдеме до чистата текстура на дрвото што сакаме да ја постигнеме. Потоа се применуваат постапките за заштита од инсектите, за нивно трајно сузбивање и стопирање на процесот на разградување. Применивме класичен третман со примена на инсектицидни средства кои се испробани и досега дале позитивни резултати. Користиме проверени препарати на произведувачот Белинка’ како производот за заштита од инсекти и габи ‘белоцид’. Користиме и германски препарати на компанијата ‘Детија’ препарат наменет за домашна заштита од црв во дрво. Инектицидот мора да задоволува барем 10 точки кои ги пропишуваат европските стандарди. Во институциите располагаме и со современ апарат за Аноксија што го користиме за заштита на икони, за текстилни материјали и кај помали дрвени предмети. При постапката ги поставуваме предметите во двојни пластични кеси, со помош на машинка на загревање ги прилепуваме и го вклучуваме уредот кој го извелува кислородот од внатрешноста на кесите. Всушност од воздухот се отстранува кислородот и затоа ја викаме аноксидна постапка или безкислородна состојба. Во внатрешноста од кесата остануваат хемиски елементи како јаглерод диокси, јаглерод моноксид, сулфур и други. Со одреден период на експозиција во траење од еден до два месеца, делуваме на респираторните органи на инсектите и очекуваме трајно да ги сузбиеме. Но понекогаш, бидејќи тие имаат многу тврдокорни јајца, ако се во таа фаза на развојот, може некои од нив и да опстанат. Затоа тој процес мора да се следи неколку години се до кога сме сигурни дека нема никаква активност од инсектите и предметот не се разградува“, детално појаснува Ковачовска.
После сувата и механичка постапка од чистењето и примената на заштитата од инсекти, како и работи на реставрација на пукнатини, замена на фурнири, китирање, грундирање, брусење и тонирање за да може убаво да се види бојата и текстурата повторно применуваат постапка на мокро чистење со примена на блага сапуница од неутрален сапун – вулпекс, негово премивање со алкохол 100% и дестилирана вода во некој процентуален сооднос. Ги отперуваат сите прашини кои останале на површините од дрвото од конзерваторските активности, потоа го сушат предметот или го оставаат природно неколку дена и потоа може да се нанесува површинска заштита на дрвото, односно лакирање.
„Посебно внимание и акцент при конзерваторскиот третман се даде на елементите кои се рестраврираат директно на позиции каде има пукнатини, скршени елементи, раслеоно дрво, одлепени фурнири или недостаток на фурнир, посебно кај предметот трпезариска маса и столици. Фурнирот се исече до здравица, се постави нов фурнир од дрво со текстура и правец на годовите ист со постоечкиот. Фурнирот се поставува со лепење, потоа се пеглаше со конзерваторска пеглица, се грундираа нерамнини и недостатоци, повторно се израмни со брусење, а бидејќи китот е во бела боја, подоцна површините се ретуширани и тонирани со примена на темперни бои. Настојуваме ретушот да биде приближно во иста бојата со предметот и да ја запазиме текстурата на дрвото. На крајот преминуваме завршна фаза односно импрегнација на предметот со поставување на завршен површински премаз од лак кој се нанесува во неколку слоја. Заштитата и конзервацијата ги подобруваат особините на дрвото, неговата трајност и издржливост на временските услови и ги подобруваат естетските карактеристики кои му даваат поубав изглед на експонатот изложен пред посетителите. Предметите се третитани со соодветни поликтури како што биле и претходно“, рече Ковачовскa.
Личеноски (26.03.1901, Галичник-10.04.1964, Скопје) се смета за еден од втемелувачите на ликовниот живот во Македонија. Еден е од најавтентичните сликари на македонскиот пејзаж (сликите „Бачила”, „Долап”, „Афионски полиња”, „Охридски рибари”), во кој внесува и фоклорни елементи. Сликал мртва природа и портрети, а создавал и мозаици. Заедно со Димитар Пандилов-Аврамовски и Никола Мартиноски го означува почетокот на современата ликовна уметност во Македонија.
Б. НЕСТОРОСКА




