10 ГОДИНИ ЈА СЛАВИМЕ КРЕАТИВНОСТА НАМЕСТО ПРОСЕКОТ, ВЕЛИ АНГЕЛКА ПЕЕВА-ЛАУРЕНЧИЌ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ НА ДВИЖЕЊЕТО „БРАВО СИНЕ!“

    10 ГОДИНИ ЈА СЛАВИМЕ КРЕАТИВНОСТА НАМЕСТО ПРОСЕКОТ, ВЕЛИ АНГЕЛКА ПЕЕВА-ЛАУРЕНЧИЌ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ НА ДВИЖЕЊЕТО „БРАВО СИНЕ!“Заедно со четирите најнови современи бајки со кои се одбележува десетгодишниот јубилеј, вкупно се издадени 80 бајки од Македонија. (Фото: Имиџ ПР)

    Четири нови современи бајки од млади автори и илустратори беа промовирани денеска во чест на 10 години од основањето на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ . Четирите нови дела се: „Океанија“ од авторот Мартин Миљев илустрирана од Орце Нинески, „Луѓето и змејовите“ од Владо Јаневски со илустрации од Ем Елефантски, „Детето на месечината“ од Јана Глигороска со илустрации на Јована Велинова-Трајанова и бајката „Зелда и Фе и болниот змеј“, чиј автор на текстот и илустрациите е Катерина Трајановска.

    Движењето„Браво сине!“, чија цел е поттикнувањеи поддршка на талентот и креативноста кај младите, е во име на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија Иво Лауренчиќ, кој во текот на целиот свој работен век им даваше несебична поддршка на младите и ги поттикнуваше да го изразат својот креативен потенцијал.

    Изминатиот период „Браво сине!“, во партнерство со издавачката куќа „Арс Ламина“, реализираше значајни проекти од национална важност, како „Бајки од Македонија“, „Басни од Македонија“, „Бајки од Македонија за цела година“,„Мистериозното јајце“, „Современи бајки од Македонија“ и збирката „Детелинки-белинки“. Досега, на јавните конкурси на Движењето „Браво сине!“ се пријавиле над сто талентирани дизајнери-илустратори од земјава, а 313 автори доставиле 442 текста за новите едиции на „Современи бајки од Македонија“. Сите избрани авторски трудови на овие конкурси излегоа во печат и се парично наградени.
    Заедно со четирите најнови современи бајки со кои се одбележува десетгодишниот јубилеј, вкупно се издадени 80 бајки од Македонија, како и четири басни од Македонија. Едицијата „Бајки од Македонија за цела година“ е вброена помеѓу 200 најдобри книги за деца и млади во светот што се дел од годишното издание на најпрестижниот каталог на литература за деца и младинци восветот – „Вајт рејвенс“  кој е дел од најголемите светски саеми за книги што се одржуваат во Франкфурт и во Болоња.

    Ангелка Пеева-Лауренчиќ, основач на Движењето за креативност ИвоЛауренчиќ  – „Браво сине!“ со семејството. (Фото: Имиџ ПР)

    „Денес, кога по десет години го сублимираме реализираното, со гордост можеме да кажеме дека нашите зацртани цели, на кои работиме со огромен ентузијазам, се постигнати. Нашата визија е даго одбележиме ова време, давајќи го својот генерациски придонес, а во чест на големиот креативец – Иво Лауренчиќ, да ја поттикнуваме креативноста, наместо просекот, да ја препознаваме и да ѝ дадеме облик на трајната вредност. Поврзувајќи го традиционалното творештво со новата естетика, од заборавените приказни и бајки веќе направивме препознатлив производ – ‘Бајки од Македонија’. Среќни сме со постигнатото досега, но ние не застануваме. Цела генерација млади креативци и автори излегоа на виделина и го најдоа своето професионалноместо. Убаво е да се види како најмладите веќе ги знаат своите омилени ликови токму од нашето поднебје. Последниве две години работиме на нови, современи бајки од Македонија, бајки од новото време. Овие дела ќе живеат подолго од нас, како влог за следните генерации“, рече основачот на движењето Ангелка Пеева-Лауренчиќ.

    За овие изданија „Арс Ламина“ е добитник на наградите за најдобро печатено издание, за најдобра книга за деца и за издавачка куќа со најголема општествена одговорност што ги доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). Исто така, дел од книгите во споменатите едиции се преведени на седум јазици и Браево писмо, а добитници се и на светски награди и признанија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира