Дваесет и второто издание на Танц фест Скопје ќе се отвори на 18 април со настап на балетски танчари од Париската опера, најави денеска Рисима Рисмкин, основачка на Културниот центар „Интерарт“ и на Танц фест. „Интерарт“ годинава слави 30 години.
Гостувањето на ѕвезди од Париската опера во Скопје е историско, рече Рисимкин, и по тоа што првпат кај нас ќе биде изведено дело на легендарниот француски кореограф Ролан Пети. На отворањето ќе настапи и Роксан Стојанов, француската балерина со македонско потекло, која во 2024 беше прогласена за Ѕвезда на Париската опера, а лани ја доби наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност.
На отворањето ќе се одржи натпревар за наградата „Роксан Стојанов“, која е востановена од Францускиот институт во Скопје и Танц фест, со поддршка од Амбасадата на Франција, со цел да се поддржи професионалната кариера на балетски уметници од 16 до 20 години. Наградата е иницирана од Стојанов, а се состои од седумдневен престој во Париз, каде што добитникот ќе ги посети Операта и други уметнички институции и ќе биде под директно нејзино менторство. По објавениот повик за наградата и направената селекција, на 18 април во МНТ ќе биде избран и прогласен победникот, со одлука на интернационално жири, во кое ќе членуваат и првенци од Париската опера.
„За натпреварот имавме одличен одѕив од младите балетски уметници, кои сега се подготвуваат. По полуфиналето во текот на денот, вечерта во МНТ ќе се одржи финалето со петмина финалисти“, рече Рисимкин.
Танц фест ќе се одржува до 5 мај и во склоп на програмата ќе има Форум за танц и технологија (22-24 април), Денови на македонски кореографи и Скопје танцова платформа со 50-ина професионалци од Европа.
Денешната прес-конференција беше организирана за најава на вечерашниот перформанс „F_AI_LLE“ на француската танцова компанија „К данс” во Македонскиот народен театар (20 часот), со кој почнува Месецот на франкофонијата. Гостувањето е соработка на Францускиот институт во Скопје и Танц-фест Скопје.
Б. НЕСТОРОСКА



