48. МАЈСКИ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ ОД САБОТА НА ЈУТЈУБ КАНАЛОТ НА ОПЕРАТА

    48. МАЈСКИ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ ОД САБОТА НА ЈУТЈУБ КАНАЛОТ НА ОПЕРАТА„Нам уметниците оваа година ќе ни недостига чувството на исполнетост, креативен порив и адреналинот кој го чувствуваме додека сме на сцена за време на нашите претстави“, велат директорот на НОБ Васо Ристов и уметничката директорка на Операта, диригентката Бисера Чадловска. (Фото: НОБ)

    Осум оперски и две балетски претстави ќе се прикажат на официјалниот Јутјуб канал на Националната опера и балет (НОБ), за да се одбележат Мајските оперски вечери (МОВ). Оперскиот фестивал традиционално секоја година се одржува од 9 до 31 мај, но годинава, поради пандемијата со коронавирусот и одлуката на Владата за затворање на сите културни институции, ќе се одбележат на поинакв начин.

    „За жал, пандемијата ги промени сите планови што ги имавме за овогодинешните 48. по ред Мајски оперски вечери, но сепак засега ќе ги одбележиме со избор од онлајн престави во текот на целиот месец мај“, вели директорот Васo Ристов.

    На 9 мај, ќе има онлајн премиера на најновата продукција на операта „Кармен“, на 12 мај балетот „Рајмонда“, 15 мај „Турандот“, 17 мај „Кавалерија Рустикана“ и оперскиот концерт по повод 70 години од оперската уметност. На 19 мај е балетскиот концерт „Балетски бисери“, а на 22 мај операта „Фауст“. На 24 мај, за празникот Св. Кирил и Методиј е закажана операта „Лидија од Македонија“ од Ристо Аврамовски. Операта „Адријана Лекуврер“ ќе биде емитувана на 26 мај, а „Травијата“ на 29 мај. За крај традиционално, како што и би го завршиле фестивалот Мајски оперски вечери, на 31 мај ќе се емитува операта „Аида“.

    „За нас, 9 мај е најочекуваниот ден во годината, ден до кој доаѓаме по период исполнет со макотрпна работа, труд но и возбуда поради тоа што нѐ очекува во текот на месец мај. Нам уметниците оваа година ќе ни недостига чувството на исполнетост, креативен порив и адреналинот кој го чувствуваме додека сме на сцена за време на нашите претстави. Верувам дека сите емотивно го доживуваме овој перод и со нетрпение очекуваме да се вратиме на нашите работни места“, вели уметничката директорка на Операта, диригентката Бисера Чадловска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира