АКО САКАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ ДНОТО НА ОПШТЕСТВОТО, ВИДЕТЕ ОД КАДЕ ДОАЃААТ НАЈМНОГУ ПОЛИТИЧАРИ, РЕЧЕ ЌЕДРИМ РИЈАНИ, РЕЖИСЕР НА НОВАТА ПРЕМИЕРА „НА ДНОТО“ НА БИТОЛСКИ ТЕАТАР

    АКО САКАТЕ ДА ГО ВИДИТЕ ДНОТО НА ОПШТЕСТВОТО, ВИДЕТЕ ОД КАДЕ ДОАЃААТ НАЈМНОГУ ПОЛИТИЧАРИ, РЕЧЕ ЌЕДРИМ  РИЈАНИ, РЕЖИСЕР НА НОВАТА ПРЕМИЕРА „НА ДНОТО“ НА БИТОЛСКИ ТЕАТАРДел од екипата на претставата со директорот Јерчиќ на денешниот прес во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Ако сакате да видите кое ниво во вашето општество е најмногу на дното, треба да видете од каде доаѓаат најмногу кандидати за во политиката. Цитирајќи ја оваа мисла на чешкиот драматург, есеист и политичар Вацлав Хавел, прогресивниот режисер Ќендрим Ријани ја образложи филозофијата на новата премиера „На дното“ по текст на Максим Горки што тој ја поставува на сцената на Народниот театар од Битола. Премиерата е закажана за утре (16 април  од 20 часот на сцената на БНТ. Во неа е прикажано општественото дно од времето на Горки до денешницата.

    „Е сега прашајте се сами: Во нашата држава од која професија имаме најмногу кандидати за политичари? Ако е реална изреката на Хавел, тогаш со одговорот ќе го најдиме дното“, рече Ријани.

    На новинарското прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали со тоа што актерите во претставата се со шишиња инфузии, а и плакатот е со кеси крв токму таа професија е здравството, Ријани одговори: „ Тоа е одговорот и на изреката на Хаврел. Ако гледаме во нашата држава и од албанските кандидати и од другите етнички заедници, најмногу што се бават со политика или што сакаат да се занимаваат со политика, доктори ни се.“

    Во претставата играат 16 битолски актери или како што рече директорот на Народниот театар од Битола, Иван Јерчиќ, голема екипа составена од многу штрафови на механизмот наречен „На дното“.

    „Ова е претстава која кореспондира со естетиката и животната филозофија на режисерот и на Народниот театар од Битола да ги третира старите теми на некаков современ начин и да ги аплицира во денешното живеење. Нема секому да се допадне зашто третира работи од овој дехуманизиран свет во кој живееме. Има кисел хумор, остар“, рече Јерчиќ.

    Актерката Илина Чоревска која го игра ликот на Василиса реле дека таа е симбол на едно дефункционално семејство кое никако не може да роди здраво поколение исто како што едно дефункционално општество не може да роди здрави граѓани.

    Маја Андоновска- Илијевски игра машки лик преку кој симболично се коментира односот на општеството кон уметноста и која е уметноста денес во дното на кое живееме.

    „Претставата ги коментира сите дна во кои човекот живее, опфајќајќи ги фамилијарните односи, уметноста и културата, религиските приказни кои ни се случуваат, едноставно коментирајќи го светот и од времето на Горки до времето во кое живееме сега“, рече Андоновска-Илијевски.

    Драматург е Билјана Крајчевска, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Андеј Папаз Горгиевски, музика на Александар Димовски. Претставата „Артуро Ви“ која претходно Ријани ја работеше со Народниот театар од Битола освои 5 награди на 56. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира