Американскиот режисер Тод Хејнс ќе биде претседател на жирито на 75. Берлински филмски фестивал во 2025, кој ќе трае од 13 до 23 февруари, соопштија од организацијата на еден од најпрестижните светски филмски фестивали. Хејнс важи за автор со иновативен пристап во раскажувањето приказни и длабоко навлегување во комплексни теми.
„Тод Хејнс е блескаво надарен сценарист и режисер со импресивен опсег, неговото дело е истовремено стилски разновидно, но и непогрешиво автентично “, изјави директорката на Берлинале, Триша Татл. „Откако неговиот дебитантски игран филм ‘Отров’ ја освои наградата Теди во 1991, Берлинале ја следи неговата работа и ние сме пресреќни што ќе му се придружи на фестивалот како претседател на меѓународното жири за нашето 75. издание“, додаде таа.
Хејнс е автор на четирикратно номиниранот за Оскар „Далеку од рајот“ (2002), и на „Безбедно“, „Кадифен златен рудник“, фиктивниот био филм за Боб Дилан, „Јас не сум таму“ и последниот „Мај, декември“.
Кариерата на Хејнс, која се протега речиси четири децении, е обележана со храбар пристап кон раскажувањето приказни и препознатлива чувствителност за прикажување аутсајдери и женски протагонистки. Неговото нијансирано испитување на родот, идентитетот и социјалните структури одекна и кај публиката и кај критичарите. Неговата способност да создава богати, повеќеслојни ликови привлече некои од врвните таленти на Холивуд, вклучувајќи ги Џулијан Мур, Кејт Бланшет, Руни Мара, Кејт Винслет и Натали Портман.