Придонесот на жените архитекти во архитектонската сцена во Социјалистичка Република Македонија, особено во периодот на постземјотресната обнова на Скопје е во фокусот на изложбата „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“, која ќе се отвори вечерва во 19 часот во Музејот на Северна Македонија.
Автори на проектот се: Ана Ивановска-Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски и Бојана Стојменовска. Според нив, периодот на 1960-те, 1970-те и раните 1980-те години е време на интензивно архитектонско и урбанистичко творештво за Мимоза Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска и многу други авторки.
„Во втората половина на 20. век, значително се менува улогата на жената во македонското општество. Во новонастанатиот политички, економски, социјален и културен контекст, жените го прават својот прв пробив во мноштво професии, кои претходно се сметале за ‘машки’.
Обемниот и сеопфатен модернизациски и еманципаторски проект значи забрзано менување на структурата и ликот на градовите, а жените архитектки рамноправно учествуваат во обликувањето на новиот животен простор.
Образовани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри – Белград, Загреб и Љубљана, каде архитектонскиот модернизам навлегува директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага, по нивното враќање во Скопје имаат силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти“, велат авторите на проектот.
Изложбата е резултат на едногодишниот проект од областа на културата и архитектурата насловен „Улогата на жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“ кој Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата го спроведе со пари од Амбасадата на Швајцарија.