Изложбата на фотографии „Окото на градот“, прва самостојна на Божидар Барлакоски во Скопје, е составена од 37 фотографии и ќе биде изложена утре во „Јавна соба“ со почеток во 20 часот.
„Во тематиката на оваа фото колекција преовладуваат социјални теми, документарни кадри од занаети во изумирање, улична фотографија, портрети. Поради тоа што свесноста за реалноста која нѐ опкружува некако бидна компресирана во фејсбук формат, неподносливо лесен за конзумирање, неоптеретен од одговорност за животот на маргините, баш затоа, оваа колекција на фотографии укажува во тие понеосветлени агли од животот околу нас“, вели Барлакоски за изборот на фотографии.
Божидар Барлакоски, роден 1984 година во Прилеп, активно работи со фотографија седум години и е член на Фото-кино клубот „Прилеп“. Добитник на повеќе од дваесет меѓународни награди за фотографија, меѓу кои и бронзен медал за фотожурнализам од Торонто Камера клуб, PSA сребрен медал за фотографија во Кипар, Сребрен медал за фотографија во Украина, Гран при – златен медал за колекција на фотографии на денови на македонската фотографија 2014 година , како и бројни признанија и дипломи,
Изложбата ќе биде поставена во Јавна соба и во наредните неколку дена и ќе биде од продажен карактер.