БАРБРА СТРЕЈСЕНД ЌЕ ДОБИЕ ПОЧЕСНА ЗЛАТНА ПАЛМА НА КАНСКИОТ ФЕСТИВАЛ

    БАРБРА СТРЕЈСЕНД ЌЕ ДОБИЕ ПОЧЕСНА ЗЛАТНА ПАЛМА НА КАНСКИОТ ФЕСТИВАЛОсумдесет и тригодишната Стрејсенд за првпат ќе дојде во Кан. (Фото: Гети)

    Легендарната американска пејачка и актерка Барбра Стрејсенд ќе добие почесна Златна палма на 79. Кански филмски фестивал, кој ќе се одржи од 12 до 23 мај, соопштија организаторите. Осумдесет и тригодишната Стрејсенд, која е добитничка на ЕГОТ (Еми, Греми, Оскар и Тони), за првпат ќе дојде во Кан, а наградата ќе ѝ биде врачена на свеченото затворање на 23 мај.

    „Светската ѕвезда Барбра Стрејсенд, пред сè, е уметник, иницијатор на проекти што ја одразуваат нејзината личност и ги споделува со целиот свет. Таа е легендарната синтеза помеѓу Бродвеј и Холивуд, помеѓу музичката сала и големото платно. Тоа што ја слушаме како пее и ја гледаме како настапува е дел од нашите најубави години“, изјави директорот на фестивалот Тјери Фремо.

    Во соопштението од Филмскиот фестивал во Кан, меѓу другото, се вели:

    „Барбра Стрејсенд го достигна врвот на забавната индустрија како никој пред неа. Но, овој импресивен успех бледнее во споредба со нејзиното влијание врз поп-културата во втората половина на 20. век“.

    „Со чувство на гордост и длабока понизност ми претставува чест што се придружувам на групата досегашни добитници на почесната Златна палма, чие дело долго време ме инспирирало. Во овие предизвикувачки времиња, филмовите имаат способност да ги отворат нашите срца и умови за приказни што ја одразуваат нашата заедничка човечност и за перспективи што нè потсетуваат и на нашата кревкост и на нашата издржливост. Киното ги надминува границите и политиката и ја потврдува моќта на имагинацијата да обликува посочувствителен свет“, изјави холивудската легенда.

    Меѓу претходните добитници на почесната Златна палма се Питер Џексон, Ањес Варда, Џоди Фостер, Мерил Стрип, Роберт де Ниро и Том Круз.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира