Хуманитарецот и основач на Невладината организација „Донирај компјутер“ Борче Стаменов и доц. д-р Ирфан Ахмети од Клиниката за ендоркинологија се годинашни добитници на државната награда „Мајка Тереза“, соопшти Министерството за култура.
„Одборот за доделување на државната награда одлучи наградата за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери, во 2025 година да им се додели на: Борче Стаменов од ‘Донирај компјутер’ и на доц. д-р Ирфан Ахмети од Универзитетската клиника за ендокринологија“, соопшти Министерството.
Наградата ќе им биде врачена на добитниците на 26 август во 11 часот во Собранието.
Стаменов во 2023 ја доби државната награда „Мето Јовановски”, највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. Д-р Ахмети е специјалист интернист, субспецијалист ендокринолог, вработен на Клиниката за ендокринологија во Скопје и е дел од Научното здружение за обезност.