Холивудскиот актер со потекло од БиХ, Џек Димиќ, на 5 мај во скопскиот Драмски театар ќе гостува со монодрамата „Ој, животе“. Претставата е работена по текст на Јосип Пејаковиќ. Од Драмски велат дека станува збор за силна трагикомична драмска приказна која изобилува со црн хумор. Димиќ ја адаптирал, режирал и го толкува ликот кој на босански јазик на емотивен и духовит начин ја раскажува неговата приказна.
„Монодрамата ‘Ој, животе’ е приказна за човек кој доброволно оди на издржување на затворска казна наместо неговиот помлад брат кој е сторител на убиство со умисла. Протагонистот на оваа монодрама на извонреден комедиографски начин ја раскажува својата мака и многу емотивно одново ги преживува сите случки низ кои поминал з авреме на издржувањето на казната“, велат од Драмски.
Димиќ има над 85 филмски, телевизиски и театарски улоги. Освен на англиски јазик, тој игра улоги на српски, руски, чешки и италијански јазик. Во Холивуд играл во популарните ТВ-серии „Закон и ред“, „Место на злосторот“, „Црна листа“, „Замок“, „Сина крв“, како и во сериите што во последните години се снимаат во регионот „Државен службеник“, „Ургентен центар“, „Воена академија“, „Клан“, „Династија“, „Вера“.