Британскиот поет Даниел Хајндс е добитник на наградата „Мостови на Струга“ за 2026, која што Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска збирка. Директорот на СВП, Никола Кукунеш рече дека творештвото на Хајндс се опишува како „археологија на зборот“, каде секој стих копа низ слоевите на минатото, за да ги изнесе на површината заборавените гласови и предели.
„Среќавањето на митот и сегашноста се срцевината околу која се развива тематиката во неговата поезија. Поетиката на Хајндс се одликува со лингвистичка прецизност и изобилие од архаични, но функционални изрази. Неговиот стил е економичен, а моќен. Секој збор е камен што тежи таму каде што му е местото, избегнувајќи го излишниот сентиментализам. Не помала вредност имаат аудитивните елементи, бидејќи стремејќи се кон архаичен израз, неговите алитерации и внатрешниот ритам создаваат реална слика дека тоа се звуци кои доаѓаат директно од усната поетска традиција. Накратко, неговата поезија не е обично читање, туку набљудување на процесот на создавање свет од кал, крв и стихови“, рече Кукунеш на денешната прес-конференција.
Хајндс дипломирал Англиска книжевност со највисоки почести на Универзитетот во Њукасл, каде и магистрирал Англиска книжевност со највисока оценка. Неговата дебитантска збирка поезија Нови, познати фрази била објавена од „Брокен слип букс“ март 2025.



