БРОЈОТ НА КИНОПУБЛИКА ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ ВЛИЈАЕ ДАЛИ РЕЖИСЕРОТ И ПРОДУКЦИЈАТА ЌЕ ДОБИЈАТ ПАРИ ЗА СЛЕДЕН ФИЛМ, НАЈАВИ ПОЧИТУВАЊЕ НА ЗАКОНСКАТА ОБВРСКА ДИРЕКТОРОТ МИЦЕВСКИ

    БРОЈОТ НА КИНОПУБЛИКА ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ ВЛИЈАЕ ДАЛИ РЕЖИСЕРОТ И ПРОДУКЦИЈАТА ЌЕ ДОБИЈАТ ПАРИ ЗА СЛЕДЕН ФИЛМ, НАЈАВИ ПОЧИТУВАЊЕ НА ЗАКОНСКАТА ОБВРСКА ДИРЕКТОРОТ МИЦЕВСКИМицевски кажа ќе ја засилат контролата за тоа дека продуцентите, кога ќе заврши фестивалското и киноприкажувањето на филмот, имаат законска обврска да го понудат филмот на бесплатни прикажувања на Македонската радио-телевизија. (Фото: СДК.МК)

    Колку публика имал македонскиот филм во кино ќе влијае на тоа дали некој треба да добие пари за следен филм или не, односно, дека треба да се земе во предвид колку претходните филмови на продуцентот и режисерот се прикажувани во Македонија, рече директорот на Агенцијата за филм Сашко Мицевски на пресконферецијата по повод светската премиера на дебито „17“ на Косара Митиќ на Берлинале.

    „Убаво е сè, успех на еден-два фестивали, меѓутоа има едно брдо автори и продуценти коишто продуцираат филмови коишто имаат премиера со 15 души на минимален фестивал Гевгелија филм фестивал на пример, и тоа е административно затворено како филм, меѓутоа не е праведно. Бидејќи има и продукции и продуценти коишто знаат како да го донесат и се трудат да го донесат филмот пред македонската публика. Во следниот конкурс се обидуваме тие бројки да влијаат врз бодовната листа на тоа дали некој треба да добие следен филм или не. Бидејќи сите што го финансираат филмот, нормално, многу е битна таа интернационална промоција, како ќе ја претставиме државата, сè тоа е битно, меѓутоа мора и нашата публика да го види филмот. И сите можни механизми ќе бидат активирани и тоа се прави во моментот. Агенцијата за филм моментално, нормално, изнаоѓа начин со моменталната легислатива како тоа да го реши. Значи има неколку решенија“, рече Мицевски.

    Според Законот за филмска дејност, објавен и на веб страната на Агенцијата за филм, во главата „Критериуми за финансирање на филмски проекти од национален интерес во филмската дејност“ во Член 27 под Обврски на корисниците на средствата се вели:

    „(1) Финансирањето на филмски проекти од национален интерес во филмската дејност се врши врз основа на следниве основни критериуми: – оригиналност, автентичност и квалитет на содржината на сценариото, – успешноста на филмскиот продуцент со претходни филмови кои ги продуцирал, потврдена со учеството на домашни и на меѓународни филмски фестивали, бројот на гледачите во киносалите во Република Македонија, бројот на земјите во кои се дистрибуирани, продадени, односно прикажани филмовите и добиени меѓународни награди, – успешноста на режисерот со претходни филмови кои ги режирал, потврдена со учеството на домашни и на меѓународни филмски фестивали, бројот на гледачите во киносалите во Република Македонија, бројот на земјите во кои се дистрибуирани, продадени, односно прикажани филмовите и добиени меѓународни награди“.

    На прес-конференцијата, Мицевски и продуцентот на „17“ Томи Салковски зборуваа за состојбата со киносалите низ Македонија, потенцирајќи дека Скопје има „само една киносала во трговски центар“, со оглед на тоа дека Киното Милениум од април лани не работи. Всушнот, мултиплексот Синеплекс во „Сити мол“ има 8 киносали, а активно е и киното Киноверзум во домот „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода. Киноверзум киното работи и во Штип и Велес.

    Во Законот за филмска дејност, во главата „Обврски на корисниците на средствата“ во Член 39 се вели:

    „(9) Филмските продуценти кои добиле средства од Агенцијата се должни во рок од две години сметано од денот на премиерното прикажување на филмот, без надоместок, да го понудат филмот за телевизиско прикажување на Јавното претпријатие Македонска радио-телевизија, на националните, регионалните и локалните телевизии во Република Македонија“.

    Мицевски кажа ќе ја засилат контролата и за тоа дека продуцентите, кога ќе заврши фестивалското и киноприкажувањето на филмот, имаат законска обврска да го понудат филмот на бесплатни прикажувања на Македонската радио-телевизија. Рече дека ако не го понудат филмот за прикажување, има можност да добијат забрана за финансирање од 10 години.

    „Тоа многу сериозно ќе се сфати, бидејќи ако не живее филмот во кино, треба да биде достапен на телевизија, ако не биде достапен на телевизија, треба да биде достапен на онлајн платформи. Јас ги гледам бројките, фрапантни се. Секој киноприкажувач во Македонија мора да пријави кој филм колку бил гледан во Агенцијата за филм бидејќи тоа е наша законска обврска. И бројките на месечно ниво стигаат. Јас претходниот месец декември, го отворив од љубопитност и можам да кажам дека филмови коишто коштаат грдни пари, за коишто Македонија инвестирала, имаат бројки од типот на 45 души го гледале за месец декември. Затоа во следниот конкурс се обидуваме тие бројки да влијаат врз бодовната листа на тоа дали некој треба да добие следен филм или не“, кажа Мицевски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира