ДАНСКИОТ ДОКУМЕНТАРЕЦ „ДАЛЕЧНИОТ ЛАЕЖ НА КУЧИЊАТА“ ПОБЕДИ НА МАКЕДОКС

    ДАНСКИОТ ДОКУМЕНТАРЕЦ „ДАЛЕЧНИОТ ЛАЕЖ НА КУЧИЊАТА“ ПОБЕДИ НА МАКЕДОКССцена од победникот во главната програма „Далечниот лаеж на кучињата“ на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт/ Режисерката на филмот со најдобри етички идеи, „Рагу Раи, неврамен портрет“, Авани Раи на синоќешното доделување на наградите (Фото: МакеДокс)

    Данскиот „Далечниот лаеж на кучињата“ на Сајмон Леренг Вилмонт победи на деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс, што заврши синоќа. „Далечниот лаеж на кучињата“ ја доби главната награда Кромид, за која одлучи комисијата со членовите Пирјо Хонкасало, Војцех Старон и Марија Чачија.

    „Станува збор за филм за екстремниот страв и безусловната љубов видени низ острото и нежно режисерско око. Може да се каже дека речиси физички ги почувствувавме емоциите на Олег, 10-годишно момче од Украина, чиешто детство го носи товарот на насилниот и распламтен воен фронт во близина на неговиот дом. Следејќи го секојдневниот живот на Олег и неговата сакана баба се соочуваме со злоделото на уништување на правото на детство. Вестите никогаш не ја пренесуваат оваа страна на војната“, вели образложението на жирито.

    Специјално признание во главната програма добија филмовите „За татковците и синовите“ (Германија, Сирија, Катар, Либан) на Талал Дерки и „Мажи играчи“(Словенија, Хрватска) на Матјаж Иванишин. Филм со најдобри етички идеи е „Рагу Раи, неврамен портрет“ (Финска, Индија, Норвешка) на Авани Раи, а наградата Млад кромид во категоријата Нови автори ја доби словенечко-австрискиот филм „Фамилијата“ на Рок Бичек. Сириско-германскиот „Луѓето од Недојдија“ на Хеба Калед е најдобар краток документарец, награден со Сецкан кромид, а наградата Кокарче за најдобар студентски филм ја доби „Филм за Карлос“ на Ренато Борајо Серано.

    За време на осумдневниот фестивал се прикажаа 71 документарен филм, дојдоа повеќе од 50 гости, а се одржаа и три работилници и една панел-дискусија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира