ДЕКАНОТ НА АРХИТЕКТОНСКИОТ ФАКУЛТЕТ ОГНЕН МАРИНА ОДЛИКУВАН СО ОРДЕН „ВИТЕЗ НА РЕДОТ ЅВЕЗДА НА ИТАЛИЈА“

    ДЕКАНОТ НА АРХИТЕКТОНСКИОТ ФАКУЛТЕТ ОГНЕН МАРИНА ОДЛИКУВАН СО ОРДЕН „ВИТЕЗ НА РЕДОТ ЅВЕЗДА НА ИТАЛИЈА“Деканот Марина со италијанскиот амбасадор Силвестри на денешната свеченост.

    Деканот на Архитектонскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Огнен Марина денес беше одликуван со признанието Орден „Витез на Редот Ѕвезда на Италија“ од италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, за посебни заслуги во воспоставување и негување на лични и професионални релации со Италија, за соработка во различни научни и образовни области и продлабочување на односите меѓу институциите и граѓаните од двете држави.

    Проф. д-р Марина се одликува со ова признание со указ на претседателот на Италија Серџо Матарела од 15 декември, 2023  на предлог на министерот за надворешни работи на Италија.

    „Витез на Редот Ѕвезда на Италија“ (Cavaliere del’Ordine della Stella d’Italia) е одликување воведено во 1947 како „Ред на Ѕвездата на италијанската солидарност“, а од 2011 го носи новото име.

    „Ја примам оваа чест не само како потврда за моите лични достигнувања, туку уште повеќе како прослава на задоволството и достигнувањата од континуираната и долгогодишна соработка со моите колеги и пријатели од Италија. Оваа соработка започна преку нашиот заеднички интерес за градовите, развивајќи се во инспиративна потрага по знаењето и разбирањето на процесите кои ги обликуваат нашите општества, а која се разви во различни форми на соработка во високото образование, научното истражување, но и низ многубројните изложби, работилници и проекти. Во сета оваа соработка влеговме искрено и посветено, истражувајќи ја историјата, но и замислувајќи ја иднината на нашите градови, споделувајќи го истиот ентузијазам и задоволство што можеме заеднички да работиме како архитекти и професори“, рече проф.д-р Марина на свеченоста.

    Амбасадорот Силвестри кажа дека проф. д-р Марина низ годините има одлична соработка со Италија како професор, научен истражувач и декан на Архитектонскиот факултет, бил раководител на повеќе научно-истражувачки проекти од врвни Европски програми во кои учествувале и соработувал со партнери од Италија, автор е на бројни книги и врвен професионалец.

    По свеченото одликување, беше отворена 5. годишна Докторска конференција на Архитектонскиот факултет при УКИМ со предавањето од проф. д-р Микеле Бонино, декан на Одделот за архитектура на Политехничкиот универзитет во Торино и проф. д-р Валерија Федерики, продекан на истиот Универзитет.

    На 14 март, со истиот Орден „Витез на Редот Ѕвезда на Италија” беше одликувана и директорката на Национаната галерија на Македонија (НГМ) Дита Старова-Ќерими.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира