Француско-канадскиот филмаџија Денис Вилнев ќе го режира следниот филм за Џејмс Бонд, објави „Амазон МГМ“, новиот сопственик на франшизата.
„Јас сум тврдокорен фан на Џејмс Бонд. Имам намера да ја почитувам традицијата на франшизата“, изјави режисерот на „Дина“, кој ќе биде и извршен продуцент.
Се појавија многу шпекулации за иднината на Џејмс Бонд откако долгогодишните продуценти Барбара Броколи и Мајкл Вилсон се повлекоа од своите функции во февруари. Од „Амазон“ не навестија кој ќе го замени Даниел Крег во легендарната улога, откако досега се шпекулираше со имињата на Арон Тејлор-Џонсон, Џејмс Нортон и Пол Мескал.
„Ова е огромна одговорност за мене и многу сум возбуден. Пораснав гледајќи ги филмовите за Џејмс Бонд со татко ми и за мене, тоа е света територија“, рече Вилнев.
Засега е нејасно кога ќе излезе новиот филм.